Економија, финансии, бизнис

Контакт

МАТИЧНИ ЛЕКАРИ: Јунската капитација експресно легна на сметките, ќе го смири ли незадоволството на лекарите?

МАТИЧНИ ЛЕКАРИ: Јунската капитација експресно легна на сметките, ќе го смири ли незадоволството на лекарите?
Расте незадоволството кај матичните лекари. Откако вчера уште еднаш ги извадија на површина проблемите во примарното здравство и се побунија дека немаат земено капитација за јуни, надлежните со експресна реакција. Јунската капитација веќе вчера попладне легнала на сметките на матичните лекари. Но, ова според лекарите не ги решава,  туку ги пролонгира проблемите кои реално постојат во секторот. Претседателката на здружението на приватни матични лекари, д-р Лили Чолакова Дервишова за Фактор вели дека иако минатата недела штрајкот беше ставен во мирување, состојбите во здравството сеуште се неизвесни. Финсиските трошоци за да опстои еден матичен лекар,  според неа се сериозен проблем за фелата. Лекарите бараат фиксни плати од 40.000 илјади денари за лекар и 20.000 денари за медицинска сестра, зголемување на капитацијата по пациент од 50 на 100 денари, воведување на партиципација, и решавање на суштинските проблеми со префрлањето на пациентите кога еден од двајцата лекари ќе ја напушти ординацијата. Овие  барања  според ресорното министерство ги ставаат во нерамноправна положба младите матични лекари кои ќе бидат оневозможени  да стигнат до свој бизнис. За д-р Чолакова-Дервишова групата од млади колеги доктори се токму колеги кои Министерството ги активирало повремено за да се направи раздор во членството. “Едниот од младите колеги е од Скопје, другиот од Кичево и третиот од Охрид. Тој што е најгласен во случајов е концесионер во Скопје, има вработено доктор и сака да отвори нова ординација во населбата Припор. Вториот доктор е исто така вработен. Не гледам зошто да  е проблем тоа што го бара членството на Здружението на приватни лекари на Македонија. Фондот за здравство дозволува секој  пациент двапати годишно да се одјави од матичен лекар. Сега има стимулации од 40 000 денари од Фондот за вработување на млад доктор. Тоа ние го немавме кога почнувавме. И ние бевме млади едно време т.е почетници и со труд дојдовме до пациенти. Јас немам работено во јавно здравство ниту еден ден и сум една од првите десет приватни амбуланти во земјава. Првиот рабитен ден имав само двајца пациенти. Аргументите на младите доктори едноставно не држат. Еден ден и тие ќе бидат сопственици, а повторувам дека најгласниот од нив е веќе сопственик”-вели д-р Чолакова Дервишова. “Нема матичен лекар ниту за лек!” Според Здружението на матични лекари, најголемиот проблем се финансиите како и голем број на интервенции и влезови во едно работно време. Нивно стратешко барање е пациентите  и лиценцата  за работа во мрежа да гласи на ПЗУ (приватна здравствена установа). “Имаме заминување на второвработени доктори од ПЗУ во друга држава за подобра плата. Во тој момент се намалува капитацијата на сопственикот, дополнително останува медицинска сестра плус која станува товар. Пациентите во најголемиот број случаи одат по сопственикот, но за да се добие цела капитацијасопственикот ги префрла вишокот пациенти на вработениот. И кога тој си оди тешко може да ги најдете пациентите да дојдат со електронска картичка да се префрлат на сопственикот или на некој друг нов доктор. Во моментвов нема слободни матични лекари ни за лек. Значи кога си заминува началник на одделение во болница не се намалува буџетот за истата. Незамисливо е ако јас почнам како носител на дејноста во моето ПЗУ да ми се изгаси фирмата со втор вработен доктор и сестри. Тоа никаде го нема. Логично е прашањето зошто да останува народ без работа? Друга ситуација е јас да си ја затворам фирмата. Ако почине началник на одделение интерно не се затвора истото”-велат од Здружението на матични лекари. Дополнително според нив револтира што  некој вложувал во објекти, персонал, а сега се  уништува на ваков начин. Реагираат дека тоа ги прави  нерамноправни пред законот. Како функционираат здравствените системи во соседството? Разгледување на искуствата на здравствените системи во соседствотобеше договорот  кој го стави штрајкот на матичните лекари во мирување. На следната средба која сеуште нема прецизиран датум треба да покаже кои надворешни позитивни искуства би се примениле и во напиот здравствен систем. Претседателката на здружението на приватни матични лекари издвои неколку од нив. -Во Бугарија има капитација со партиципација и плус стимулација за реална превенција. - Во Црна Гора има фиксен дел од околу 400 евра и плус 50 отсто капитација и уште толку услуги со дополнителни материјални трошоци. -Во Хрватска има фиксен дел кој ги покрива платите на медицинскиот тим, партиципацијата, процент од капитација и материјални трошоци. -Словенија  Словенечкиот модел е најдобар со стимулации бидејќи ако некој изработи одреден број на услуги и превенции добива плус екстра бонуси или капитација и плус екстра финансии. Со тоа се стимулира докторот сам да се едуцира и да се надградува како професионалец. Токму затоа голем број на доктори заминаа за Словенија -заклучува д-р Лили Чолакова Дервишова. Од Здружението на приватни лекари неколку пати досега  истакнаа дека ги исполниле сите обврски наметнати со реформите, набавиле квалитетни компјутери со лиценци, принтери,тонери, поделиле електронски читачи низ цела Македонија,пополниле обрасци за пензионери за електронски картици, ги зголемиле платите на вработените за 0,5  отсто, исплаќаат К-15, се осигурале од професионална грешка . Наместо здравствени зони, решавање на проблемите дома! Матичните лекари реагираат и на најавите на надлежните за отворање на здравствени зони кои ќе вклучуваат и високообразовни институции, а кои за идеални и безмалку минимални услови треба да привлечат странски капитал. “Прво се зборуваше мора мрежа доста се болници а сега со тоа се заговара правење на приватни факултети. Но,  да не заборавиме со пари од државата. Нив им се нуди сигурност на 99 години, едно евро метар квадратен, десет години да не плаќаат персоналец  и помош од 500 000 евра ако се вработат 100 лица. Нашето прашање е зошто никој не ни дозволува да се развиеме и да правиме бизнис, а на странците им се нудат одлични услови?  И ние докажуваме и докажавме дека знаеме да менаџираме овие 22 години. Приватен факултет нека си прави некој со сопствени пари,  а не со наши. Ние како матични доктори 22 години добиваме капитација со доцнење од три до четири месеци”-реагира претседателката на ЗПМЛМ. Од Здруженито на приватни матични лекари велат дека значењето на матичниот лекар е огромно. Тој според нив  е столб на здравствениот систем бидејќи од  1997 година кога за прв пат се воведе како институција “матичен лекар” интенцијата била тој да  превземе поголем број на обврски   и да пружа поголем број услуги. Лекарите  бараат воведување на пакет на услуги кој ќе утврди што е предвидено за 50 денари за пациент од капитацијата, бидејќи во спротивно ќе се пружаат неограничен број на услуги, а од друга страна ќе  се трошат непотребно човечките и професионалните ресурси. С.Б.
Слично

Поврзани вести