Маск шокира со изјавите: Заработи со биткоини, а сега Тесла нема да ја прифаќа криптовалутата
Компанијата Tesla повеќе нема да прифаќа плаќање во биткоин. Илон Маск повторно предизвика хаос кај јавноста откако твитна дека оваа криптовалута повеќе не е прифатлива за компанијата која ја основаше, ист таков хаос каков што имаше кога најави пред извесно време дека плаќањето со биткоин ќе биде дозволено.
Причината за промената на ставот бил поради неговата загриженост затоа што при „копањето“ на дигиталната валута се користат фосилни горива. Повеќето копачи на крипто-валути се наоѓаат во Кина, каде што постојат голем број електрани кои користат јаглен за производство на струја.
Инаку претходно Тесла дури објави дека купи биткоини во вредност од 1,25 милијарда евра, а во првиот квартал од годината постигна голема заработка токму преку продажбата на биткоини.
Tesla не ја исклучува валутата целосно. Според Маск, крипто-валутите имаат иднина, но таа не треба да биде на сметка на животната средина. Од таа причина, Tesla не ги продава биткоините што моментно ги поседува, но ќе почне да ги користи за трансакции откако дигиталната валута ќе биде повеќе одржлива за животната средина.
Веста силно ја погоди вредноста на биткоинот. Курсот на најпознатата крипто-валута во светот падна и загуби повеќе од 300 милијарди долари од пазарната вредност. Акциите на Tesla исто така изгубија 4,4 проценти од вредноста.
