Економија, финансии, бизнис

Контакт

Маск против Алтман: Како развојот на ВИ стана најтаинствената технологија под превезот „отворена и непрофитна“

Маск против Алтман: Како развојот на ВИ стана најтаинствената технологија под превезот „отворена и непрофитна“

Вредностите врз кои беа изградени ВИ стартапите како ОпенАИ, Антропик, екс АИ, Датабрикс, Скејл АИ и многу други, сега се преиспитуваат. Дали развојот на ВИ технологијата под превезот на „отвореност, непрофитност и општ бенефит“, всушност беше една голема измама зад која стојат технолошките монополи, обезбедувајќи си чист пат од страна на регулаторите, универзитетите, медиумите и технолошката заедница.

Кога за ВИ се говори како за трансформативна технологија, која ќе има поголем импакт врз општествените динамики дури и од нуклеарната технологија, многумина сметаат дека тие споредби се претерани.  Но, неодамнешните рочишта од судењето за случајот Маск против Алтман, открива шокантни детаљи од самите почетоци на развојот на големите јазични модели на вештачката интелигенција, и како бил користен превезот на „отворена и непрофитна“ технологија за стекнување финансиска, технолошка и правна поддршка.

Илон Маск е еден од првичните донатори на ОпенАИ за развој на вештачка интелигенција наменета за „унапредување на човештвото“ и „со отворен код“. Но, стартапот кој започна како непрофитна организација, сега се претвори во субјект проценет на околу 852 милијарди долари, а некои прогнозираат дека брзо ќе стигне до пазарна вредност од неверојатни 1 билион долари. Маск тврди дека уште на самите почетоци Алтман нечесно ги криел намерите да ја претвори ОпенАИ во јавно тргувана компанија на берза наместо непрофитно друштво.

Контра аргументите на Сем Алтман се дека причината за тужбата е што Маск не успеал во намерата да го преземе раководењето на компанијата, а не дали е профитна или непрофитна организација.

Ако се утврди дека ОпенАИ ги изиграле правилата за регистрирање непрофитна организација во Калифорнија, тоа може драстично да влијае врз нивното планирано ИПО на берза, кое како што кажавме, некои го проценуваат на 1 билион долари.

Контролата над ВИ инфраструктура и успехот на фундаменталните модели како што се ЧатГПТ, Клод, Џемини и слични на нив, ја покажува опасноста на оваа технологија. Наместо да се развива на принципот на „отворен код“, како што беше ветувано пред речиси десетина години, и натаму е „црна кутија“.

Тоа значи дека е целосно затворена за јавноста и истражувачите, не постои увид од независни организации и програмери за тоа како функционира, зошто дава одредени одговори, како доаѓа до „знаењето“, кои сетови на податоци се користени за тренирање и какви се вградените недоследности, предрасуди и опасности.

Улогата на технолошките монополи како Гугл, Мајкрософт, Мета, Тесла, Енвидија и финасиски гиганти како Блекрок, сѐ повеќе испливува на површина, и преку вакви судски постапки се открива колку се тие влијателни во развојот на ВИ стартапите и непрофитните организации, обезбедувајќи им ја компјутерската моќ, податоците и капиталот.

Од европска перспектива ова уште еднаш ја потврдува претпазливоста на принципот на „вградени етички и хуманистички рамки“ кои Силиконската долина ги исмеваше своевремено кога беше донесен ВИ актот на ЕУ за регулација на вештачка интелигенција, гледајќи на него како кочница за иновациите.

Но, иновации кои се концентрирани во рацете на неколку луѓе создава неверојатна можност за корупција, злоупотреби и неодговорност, што е дијаметрално спротивно на нивните декларирани основачки вредности – отвореност и технолошки развој во служба на човештвото. 

Х.С. 

Слично

Поврзани вести