МАРТОВСКАТА ПРОСЕЧНА ПЛАТА ТЕЖЕЛА 28.217 ДЕНАРИ - за една година порастот е за близу 1.800 денари
Во март просечната плата во земјава изнесувала 28.217 денари, јави денеска Државниот завод за статистика.
Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март 2021 година, во однос на март 2020 година, пораснала за 6,8 проценти.
Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (17,9 отсто), Дејности на здравствена и социјална заштита (12,3 проценти) и Информации и комуникации (12,1 отсто).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење на камен (14,9 отсто), Дејности на здравствена и социјална заштита (5,3 проценти) и Градежништво (4,0 отсто).
Со овој податок се пофалија и од Владата, од каде велат дека континуирано расте просечната месечно исплатена нето плата по вработен. Оттаму додаваат дека практично во март годинава, во однос на март лани, просечната нето плата пораснала за 1.795 денари.
Додека, пак, ако се направи споредба со еден месец претходно, просечната плата во март во однос на февруари пораснала за 1 отсто, стои во извештајот на Државниот завод за статистика.