Маркоски од премиерот бараат нова ДНК анализа за Дениса во Македонија
Прилепското семејство Маркоски се обрати до премиерот Никола Груевски со барање во Македонија да се изврши нова ДНК анализа на телото, кое според резултатите од грчките власти припаѓа на нивната исчезната ќерка Дениса.
Телото на Дениса најдоцна до среда треба да биде префрлено од Грција во Македонија. Нејзиното семејство се сомнева во резултатите на грчките анализи.
Но,д иректорот на судска медицина Алексеј Дума објаснува дека иако родителите се подготвени и сами да ја платат новата анализа, најпрво треба да добијат одобрение од јавен обвинител.
„Ве молиме помогнете и нашата душа да се смири, интервенирајте кај Републичкиот јавен обвинител, да ни овозможи да направиме уште една ДНК анализа, за да бидеме сосем сигурни дека во ковчегот е нашата Дениса. Вам тоа Ви значи сосем малку, а нам сè, душевен мир до крајот на нашите животи. Ќе нè јаде тагата додека сме живи, но Ве молиме барем сомнежот да не нè јаде“, напишале во писмото до премиерот родителите на 23-годишната прилепчанка.
Младата Дениса исчезна на 12 септември, додека работеше на брод во близина на грчкиот остров Карпатос. По повеќенеделна потрага, грчките власти најдоа безживотно тело за кое со ДНК анализа потврдија дека и припаѓа на Дениса, но се уште нема одговори како загинала.
Слично
