Марјан Ристески: Државата ќе помогне,„Макпрогрес“ ќе ги задржи работниците
Заменик министерот за економија Марјан Ристески денеска објави дека државата ќе му помогне на „Макпрогрес“, чија фабрика позната по производството на кондиторскиот бредн „Винчини“ целосно изгоре изминатиот викенд во Виница, како и тоа дека компанијата нема да отпушти ниту еден од 500-те вработени.
- Денеска ја посетив компанијата „Макпрогрес“ од Виница, каде во саботата изби голем пожар и уништи дел од имотот, опремата и капиталот на фабриката која е една од најголемите производни капацитети во Македонија.

На средбата со извршниот директор на „Макпрогрес“ Глигор Цветанов кажав дека државата ќе направи се што е во наша можност за да го помогнеме опстанокот и обновувањето на компанијата. Тој на средбата ме информираше дека компанијата претрпела сериозни штети од пожарите, но дека ниту еден од вработените од нивните капацитети нема да остане без работното место и плата.
Сакам да ја искажам мојата поддршка на иницијативата на Стопанската комора, како и на останатите иницијативи на граѓаните на социјалните мрежи, за зголемена продажба на производите на оваа компанија.

Мораме да го поддржиме домашното производство и ваквите акции и апелите од коморите и јавноста на социјалните мрежи, уште еднаш ја покажаа солидарноста на нашите граѓани кој знаат да се обединат и да помогнат кога е најтешко.
Ги повикувам сите граѓани заедно да помогнеме во опстанокот на оваа компанија, да купуваме производи од брендовите на Makprogres Group со што ќе и помогнеме на компанијата и нејзините вработени.
Секој купен производ на „Винчини“, „Сончева Долина“, „Натура“, „Дониа“ е од голема помош за компанијата и нејзините повеќе од 500 вработени,објави Ристески.
