Марјан Николовски: Решението за излез од кризата ќе дојде од странците
Фактор ви ги пренесува ставовите на македонските новинари и јавни личности во однос на начините на решавање на политичката криза.
Марјан Николовски - Уредник ТВ СителЕдинствен пат за некоја подолгорочна стабилност се избори како излез од кризата. Но избори на кои ќе учествуваат двете најмоќни партии во политичкиот блок кај Македонците. Но, токму тоа е проблемот. Тие избори опозицијата, барем во овој период нема да ги прифати, не од тоа што нема услови за нив, туку од ставот на поединци во СДСМ дека изборите треба да се одолговлекуваат се додека рејтинзите на двете партии не се доведат до некоја блиска точка. Нивната филозофија е дека продлабочувањето на кризата ќе го урива ВМРО ДПМНЕ полека но сигурно. И фокусот на опозицијата е кон тоа сценарио.
ВМРО ДПМНЕ утре би оделе на избори затоа што нив ќе ги добијат кој и да ги организира. Одолговлекувањето на тие избори за СДСМ може да биде и моч со две острици. Досега во оваа една година се покажа дека попуштањето на ВМРО ДПМНЕ му носи позитивни поени и раст на рејтингот, но исто време тоа се рефлектира поразително за функционирањето на државата како целина.
Мој став е дека ВМРО ДПМНЕ нема друг избор освен да го победи СДСМ на избори. СДСМ пак нема друг избор освен еден ден да излезе на тие избори.
Сегашната ситуација на пат позиција во која државата е во процес на избори (од кој нема некои барем како што велат експертите уставно-правни можности да излезе) и ситуација во која нема кој да учествува на тие избори е сама по себе криза за која единствен излез е политички договор.
Одењето на ВМРО ДПМНЕ на овие избори сама, или со уште две три партии, а ако меѓу нив не е барем ДУИ е исто така меч со две острици. Тоа може да биде процес на референдумско легитимирање на нејзината политика, но од друга страна може да биде тешко самоделегитимирање и политичко самоубиство. Нешто слично како референдумот на Жерновски во Центар за ГТЦ. ВМРО ДПМНЕ сега има мандат легитимиран на избори во 2014 година со 481.615 гласа. Хипотетички ако ВМРО ДПМНЕ оди на 5 јуни сама на избори и освои ваков или приближно до овој резултат со плус-минус 20.000 до 30.000 гласа, тогаш тоа е бетонирање на нејзиното влијание и моќ, иако тоа на подолг рок, ако одлучи да формира сама и влада и да тера мандат од 4 години, ќе се одрази катастрофално.
Но, доколку на тие избори ВМРО ДПМНЕ освои околу 300.000 или нешто под 300.000 гласови, тогаш тоа ќе биде нејзино класично саморазвласување. Изгубени околу 180.000 не само што ќе бидат политичко оружје на опозицијата, туку и мотив за јакнење и интензивирање на секојдневни протести, вклучувајќи и насилство што на подолг рок може да доведе и до тешки последици за стабилноста и безбедноста на државата.
Како и да е решението за излез од кризата ќе дојде од странците. Прашање е само времето колку тоа долго ќе трае.
