Марио Драги: Еврото е „неизградена куќа“ и останува кревко
Претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги ги предупреди европратениците дека единствената европска валута е „недоградена куќа“ и останува „кревка“ без активности за надминување на нејзините недостатоци.
На сослушувањето во Европскиот парламент денеска Драги изјави дека политичките лидери не треба да дозволуваат загриженоста за безбедноста да ги изместуваат економските реформи.
Тој додаде дека еврото „ќе мора да ја надмине ранливоста која доаѓа од неговата незавршеност“. Според него „важна лекција од кризата е дека половина изградена куќа не е стабилна, кревка е“.
Драги даде знак дека ЕЦБ ќе бара начини да го задржи сегашното ниво на парични стимулации на клучната седница на 8 декември. Тогаш Управниот одбор ќе разговара дали да ја продолжи програмата за откуп на обврзници за 1,77 трилиони евра преку која месечно во економијата се извезуваат по 80 милијарди евра.
Најраниот датум за запирање на програмата е март 2017 година, а според аналитичарите банката може да го продолжи со три или шест месеци.
Пред комисијата за економски и монетарни прашања во Европскиот парламент Драги коментира уште дека засега еврозоната се справила со висока отпорност со последиците од одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ.
Драги истакна дека Велика Британија произведува во земји од ЕУ стоки за над 40% од вредноста на извозот, што може да доведе до дополнителни негативни трговски последици во случај на излегување од единствениот европски пазар, посочуваат агенциите.
