Маратонски говор на Вучиќ – признавање на Косово нема да се случи
Александар Вучиќ, мандатарот на српската влада, на вчерашното претставување на својата програма во Собранието читаше скратено експозе од 260 страни во рок од шест часа.
Во својот говор порача и дека нема намера да биде премиер во моментот кога нема да може да ја врши функцијата. Зборуваше за економијата и позицијата на земјата во светот.
„Единственото решение за Косово во моментов што ќе го разврзе „Гордиевиот јазол“ е српската Влада да ја признае независноста на Косово, но тоа не може и тоа нема да се случи“ - изјави Вучиќ.
Одговарајќи на изнесениот став на лидерот на Либерално-демократската партија, Чедомир Јовановиќ, Вучиќ кажа дека во Србија луѓето често пати взаемно се лажат дека Косово е нивниот најскапоцен збор, но некои луѓе премалку знаат за Косово, како на пример, не знаат каде е Глоговац и дали таму живеат Срби.
„Точно е дека незнаењето во голема мера води кон екстремизам, но тоа не значи дека имаме право да се откажеме од нашата територија, бидејќи по тој принцип во многу земји ќе дојде до промени на границите“ - вели Вучиќ.
Тој кажа дека владата извршила тешка и важна работа со Бриселскиот договор, изедначувајќи го со Дејтонскиот договор, што ги штити правата на Србите и ја чува Република Српска.
Вучиќ додаде дека Србите треба да разговараат со Албанците, затоа што тоа претставува национално одговорна политика.
