Мара Бунева пак ги вознемири македонско-бугарските односи
Под силно полициско обезбедување и со скандирање на паролите „Б’лгари јунаци“ на кејот на Вардар денеска беше поставена нова спомен плоча за Мара Бунева. Настанот се одржа во организација на Бугарскиот културен клуб, а на него присуствуваа и лица кои допатуваа од соседна Бугарија.
Од власта побараа наместо на Цар Душан, да постави споменик на „македонската Бугарка Бунева - водач на идејата за слободна и независна Македонија“. Претходно за Бунева се одржа и панихида во црквата Св. Димитрија во Скопје.
Поставувањето на спомен плочата беше пресретнато со контра протести од другата страна на реката Вардар на македонски граѓани кои не се согласуваат со ваквото одбележување. Тие поставија транспарент со порака до организаторите ,,Немате свои херои - славите туѓи“.
На 13 јануари се навршуваат 86 години од атентатот што го извршила Мара Бунева врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ во центарот на Скопје. Откако го извршила атентатот, таа се самоубила. Спомен плоча за Бунева на кејот на Вардар беше поставена и минатата година, но таа уште истата ноќ беше искршена. Проблемот со ликот на Мара Бунева е во различното толкување на тоа дали таа дејствувала за македонската или за бугарската кауза.