МАНУ ИЗБИРА ПРЕТСЕДАТЕЛ: Академик Таки Фити наследник на Академик Владо Камбовски?
Дали академик Таки Фити ќе го наследи академик Владо Камбовски? Членовите од Одделението за природно-техмнички науки ќе настојуваат да номинираат челник од своите редови, како по примерот на САНУ, каде претседател е светскиот невролог Владимир Костиќ или на БАН инжињер Стефан Водиничаров.
Горазд Чомовски
Еден од најпознатите професори на Економскиот факултет Таки Фити е еден од најсериозните кандидати за иден претседател на Македонската академија на науки и уметности. Неговата номинацијата е поддржана од Одделението за општествени науки. Во телефонски разговар академик Фити не ја демантираше информација на Фактор дека тој би можел да го наследи академик Владо Камбовски чиј мандат како претседател истекува на 2 декември .
„Се’ уште има време до одржувањето на Собранието на МАНУ, не би сакал да шпекулирам дали ќе бидам предложен за претседател на Академијата. Имам уште две години да предавам на Факултетот за економски науки“ , изјави за Фактор академик Таки Фити. Тој во Владата на Бранко Црвенковски беше две години министер за финансии, но остана еден од најпродуктивните професори на Економски факултет, чија опсервација се макроекономските движења во Македонија и светот. Припаѓа на групата од помлади членови избран за академик 2003 година.
“Потребата за нова Стратегија за долгорочниот развој е повеќе од евидентна ако се има предвид дека Националната стратегија за економскиот развој на Република Македонија, МАНУ, во соработка со силен советнички тим од Виенскиот институт за компаративни економски студии и УНДП, ја изготви во 1997 година, значи пред 17 години”, оцени Фити на охридските разговори на академиците за иднината на државата.
Академик Катица Кулавкова чие име исто така се споменува во нуачните кругови дека би можела да биде кандидат за претседател на МАНУ, за Фактор категорично ги отфрли ваквите информации. “ Не сум јас кандидат за претседател, не се кандидирам“, ни рече кратко академик Кулавкова.
Литературниот теоретичар, поет, критичар, есеист, препејувач, антологичар во едно интревју за Фактор констатираше:
„Јас лично би сакала да бидеме повеќе присутни во јавноста, особено кога се работи за прашања од стратешки интерес за Република Македонија, за развојот на науката, уметноста и образованието, како и за специфичниот македонски национален интерес (културен, јазичен, историски, институционален, миграциските процеси, урбанизацијата, и сл . МАНУ има и законски легитимитет, со научен дискурс и методологија, да укажува на последиците од системските аномалии на нашата држава“ , потенцираше академик Катица Ќулавкова.
Со Претседателот Камбовски и најновиот избор на членови на МАНУ започнат е процес на нејзино значително подмладување, особено при изборот на академици од природно-техничките науки. Затоа и се претпоставуваше дека во трката за нов челник на Академијата би можел да биде номиниран и академик Коцарев.
Меѓу имињата кои се споменуваат за можни кандидати за претседател е и академик Глигор Јовановски од Одделение за природно-математички и биотехнички науки, кој според извори на Фактор уживал поддршка кај повозрасните членови на МАНУ. Заедно со деканот на Штипскиот Универзитет Блажо Боев ја составија капиталната енциклопедија на минералите во Македонија, публикувана на англиски јазик и со што тие докажуваат дека три насто од минералите во светото се лоцирани во овој регион.
На изборното Собранаие, кое ќе се одржи на 30 ти ноември покрај изборот на ново претседателство , ќе се избираат и нови раководства на Одделение и Центрите за стратегиски истражувања.
Во досегашниот период од основањето на Академијата претседатели биле : писателот Блаже Конески, историчарот генерал Михаило Апостолски, економистот и екс-премиер(претседател на извршен совет во СРМ) Ксенте Богоев, атомскиот физичар Јордан Поп-Јорданов, биогенетичарот Георги Ефремов, поетот Матеја Матевски, византологот Цветан Грозданов, философот Георги Старделов, и кривичарот Владо Камбовски.
На 30 ноември МАНУ ќе го избере десетиот претседател на највисоката научна институција во нејзината 47-годишна историја.
Слично
