Манипулација и лага е дека ги кочиме преговорите – тврди Димовски
Kоординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски за обвинувањата од СДСМ дека неговата партија ги кочи преговорите за избирачкиот список и медиумите, рече дека се апсолутна манипулација и лага која што доликува на СДСМ.
„Ние неколку пати кажавме дека што СДСМ ќе побара од ДИК во насока на прочистување на избирачкиот список, ние ќе поддржиме, нормално тоа да е во рамки на Устав, закон и во согласност со другите две политички партии кои се вклучени во разговорите“ - вели Димовски.
За медиумите вели дека секое законодавство кое што постои во која било држава од ЕУ е прифатливо. Тоа што СДСМ го бара е да има можност за цензура и да има казнување на медиумите за искажан став или направен прилог, или уреднички мислење или новинарско мислење, смета Димовски.
„Ние на тоа нема да се согласиме и затоа велиме како најдобар начин да се излезе од оваа ситуација е да се најде едно од законодавствата од која било држава членка на ЕУ и тоа да се примени во Македонија“ - рече Димовски.
Според него, СДСМ бара брзи избори, но отвора стари теми за разговори. За тоа дали оваа година е можно да има предвремени парламентарни избори, Димовски го повтори ставот дека овој Парламент треба што е можно побрзо да го заврши својот мандат.
