Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мандела: Не е храбар оној кој не чувствува страв, туку оној кој ќе го победи!

Мандела: Не е храбар оној кој не чувствува страв, туку оној кој ќе го победи!

Нелсон Ролихлахла Мандела е првиот демократски избран претседател на Јужноафриканската република. Познатиот борец против апартхејдот во Јужна Афтика и светски познат како борец за слобода, почина вчера во 95-та година од својот живот, а оваа вест ја пренесоа сите водечки светски медиуми.

Кој е Нелсон Мандела

Нелсон Ролилала Мандела е роден на 18 јули 1918 година во едно село во близина на Умтата, Транскај. Тој е роден во кралското семејство на племето Тембу. Неговиот татко, Хенри Мандела како заменик на поглаварот бил член на советот на Транскај и претседател на собранието на највисокото поглаварство на Тембу. По смртта на неговиот татко, тој бил земен под заштита на поглаварот на Тембу, негов вујко, кој всушност го одредил него за следен поглавар. Сепак, воодушевен од судските процеси во племето кај него израснала желбата да стане адвокат. Приказните на постарите членови во племињата за војните, во кои ја одбраниле својата татковина, го потикнаа да сонува за тоа и тој да го даде својот придоенс во борбата за слобода на својот народ.

На 16 години почнал да го посетува Институтот „Кларкбери Бординг“, каде што учел за западната култура. По матурирањето на Колеџот „Весли“ во Форт Бофорт, се запишал на Форт Харе универзитетот, каде што го сретнал Оливер Тамбо, со кого станал доживотен пријател. На крајот од првата година, поради учество во бојкотот на Претставничкиот совет на студентите, тој бил принуден да се префрли на Универзитетот на Јужна Африка во Јоханесбург. Во 1942 година Мандела се приклучил на Африканскиот национален конгрес (АНК), а по две години, заедно со Валтер Сисулу, Оливер Тамбо и некои други, го основаат неговиот Младински сојуз. По победата на изборите од 1948 на Националната партија, која се залагала за политика на расна сегрегација, Мандела се истакнал во Кампањата за спротивставување на Африканскиот национален когрес од 1952 и во Конгресот на народот од 1955, кој усвоил “Повелба на слободата”, која била темел за анти-апартхајдската политика. На почетокот Мандела се залагал за ненасилен отпор, но по масакрот во Шарпенсвил од март 1960, придружен со забрана на Африканскиот национален конгрес и на другите анти-апартхејдски групи, Мандела и неговите соработници се одлучиле за вооружено делување со цел да се извојуваат промени.

Заштитникот на човекови права кој и пркосеше на апартхејдската влада долги години помина во затвор

Во 1961 година Мандела станува лидер на вооруженото крило на Африканскиот национален конгрес. Ја координирал кампањата на саботажи против воени, владини и цивилни цели и правеше планови за можна герилска војна ако не се успее да му се стави крај на апартхејдот преку саботажите. На 5 август 1962 година бил уапсен и осуден на пет години затвор. По две години, при судскиот процес против многу истакнати водачи на Африканскиот национален конгрес, при што речиси сите, а вклучително и Мандела, биле осудени на доживотен затвор. Во затворот Мандела бил изолиран, но неговата долгодишна робија стана симбол на борбата против апартхејдот, а владата во Јужна Африка беше под силен притисок на меѓународната заедница да го пушти на слобода.

Во годините што следеа, неговото затворање предизвикуваше многу меѓународни осуди до апартхејдската влада во Јужна Африка, а неговиот углед постојано растеше. Меѓу другото, во 1988 ја добил Сахаровата награда за слобода на говорот. Поради големиот меѓународен притисок, владата во февруари 1985 му понудила на Мандела пуштање на слобода ако се откаже од вооружената борба, што тој го отфрлил. На крајот, на 11 февруари 1990 година претседателот на Јужна Африка, Фредерик де Клерк, наредил негово ослободување и тргање на забраната за делување на АНК. Во 1993 година, Мандела и Де Клерк заедно ја добиле Нобеловата награда за мир. Во 1994 година  Мандела бил избран за прв црнечки претседател на Јужна Африка. Де Клерк бил назначен за заменик-претседател во Владата на национално единство. Мандела останал на чело на државата до 1999, по што станал претставник на многу организации за заштита на човековите права.

Иако, неговиот мандат помина во знакот на драматичен пораст на стапката на криминал и ширење на епидемија од ХИВ, сепак многумина се благодарни на неговата политика за национално помирување и верност на демократските институции. Многумина го сметаа и за еден од ретките универзални морални авторитети на денешницата.

Неговото последно појавување во јавноста беше во април 2009 година во текот на изборната кампања на владеачката партија на Африканскиот национален конгрес.

Во 2001 година го победи ракот на простата

Мандела имал проблеми со белите дробови уште од последните години кои ги помина во затвот, од 1988 година, а во 2001 му беше откриен и рак на простата, но од нејзе успеа да се опорави. Од 2011 година во повеќе наврати беше хоспитализиран поради сериозна респираторна инфекција, а во 2012 година беше подложен и на хируршка интервенција поради абдоминални потешкотии. Кон крајот на 2012 година 18 дена беше во болница, а оваа 2013 година во сериозна состојба лежеше во болница, во марти и април, а потоа и во јуни.

Мандела ќе биде погребан со највисоки почести

Веста за смртта на Мандела ја соопшти Џејсон Зума, претседател на Јужна Африка, која кажа дека Мандела починал во својот дом во предградјето на Јоханесбург. Зума додаде дека Мандела починал во 20.50 по локално време во својот дом како последица на продолжена белодробна инфекција, опкружен со челоновите на неговото семејство.

„Тој сега се одмора...Тој сега почива во мир. Нашата нација го изгуби својот најголем син“, изјави Зума. Јужноафриканскиот претседател соопшти дека Мандела ќе биде погребан со највисоки државни почести и наредил знамињата да бидат спуштени на половина копје.

Нелсон Мандела беше еден од најцитираните светски политичари

Многу од неговите познати изјави ја сочуваа моќта и значењето и во 21-иот век. Еве ги најпознатите:

„Смртта е нешто неизбежно. Кога некој направил нешто што го смета за своја должност за доброто на народот и државата, може да почива во мир“.

„Научив дека храброста не значи отсуство на страв, туку победа над него. Не е храбар оној кој не чувствува страв, туку оној кој ќе го победи“.

„Го презирам расизмот бидејќи го сметам за варварство, без оглед дали доаѓа од црн или бел човек“.

„Образованието е најсилното оружје со кое можете да го менувате светот“.

„Ако сакаш мир со својот непријател, мораш да соработуваш со својот непријател. Тогаш тој станува твој партнер“.

„Нека има работа, леб, вода и сол за сите“.

„Ниедна држава не може да се развива ако нејзините граѓани не се образовани“.

„Кога одев накај вратата која ќе ме однесе на слобода, знаев дека омразата и огорченоста морам да ги оставам зад себе, затоа што и понатаму ќе бев во затвор“. „Онаму каде што глобализацијата значи, што е чест случај, дека богатите и моќните сега ќе имаат нов начин дополнително да се збогатуваат на сметка на сиромашните и слабите, имаме должност да протестираме во име на универзалната слобода“.

„Никој не се раѓа мразејќи го другиот поради неговата боја на кожата, неговото потекло или неговата религија. Луѓето научуваат да мразат, а ако може да научат да мразат, тогаш може да научат и да сакаат, бидејќи љубовта е многу поприродна за човековото срце од неговата омраза“.

И.М

Слично

Поврзани вести