Мандатите на пратениците од СДСМ во рацете на мандатно-имунитетната комисија
Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања следна ќе го разгледа извештајот за отсуството на опозициските пратеници и ќе треба да донесе одлука дали ќе продолжи постапката за одземање на нивните мандати.
Извештајот изготвен од генералниот секретар на Собранието денеска беше разгледан на координација во законодавниот дом и притоа било констатирано дека 31 пратеник се во оставка.
Потпретседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи денеска не сакаа да откријат повеќе од заклучоците на координацијата, но нагласуваат дека работата сега преминува во рацете на надлежната собраниска Комисија.
Откако ќе го добие извештајот, за што нема законски рок, Комисијата потоа има две недели да изготви заклучок и да му го достави на претседателот на Собранието. Заклучокот потоа тој треба да го стави на усвојување на собраниска седница.
Според познавачите, можни се две варијанти. Доколку Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања реши дека пратениците биле неоправдано отсутни затоа што не го пријавувале своето отсуство, тоа значи дека ќе ја продолжи постапката за да им се одземат мандатите. Но, доколку одлучи дека отсуството било оправдано, може само да им ги скрати платите, кои засега тие ги земаат во полн износ.
Слично
