Манчевски: Субвенција за секој граѓанин кој енергетски ќе го изолира станбениот објект
Новата влада ќе го субвенционира секој граѓанин кој ќе реши енергетски да го изолира својот станбен објект, најави денеска Дамјан Манчевски од СДСМ.
„Директно ќе обезбедиме финансиска поддршка за граѓаните во висина од 20 проценти од вредноста на инвестицијата за енергетска изолација. Ова е дел од итните реформски приоритети на новата влада, за првите 180 дена. Придобивките од субвенциите за енергетска изолација се повеќекратни: 70 проценти заштеда на енергија во објектите или три пати помала сметка за струја, доколку се греете на струја! Со тоа ќе се намали и увозот на електрична енергија. Ќе се зголеми обемот на работа за фирмите што произведуваат изолациски материјали и на оние што вршат монтажа на истите. Тоа директно ќе поттикне отворање на нови работни места, со повисоки плати“ - смета тој.
Ќе се влијае и на намалување на загаденоста на воздухот, додава Манчевски.
„Власта на обвинетиот Груевски, парите на граѓаните ги трошеше на криминални проекти за барокни фасади, како што е оваа тука, коишто од задната страна воопшто не ги изолираше. Од задната страна фасадите на зградите беа оставени да се распаѓаат“ - рече Манчевски.
Објаснува дека по декември доаѓа одговорна власт којашто нема да ги фрла парите на граѓаните на раскош и луксуз, туку ќе ги следи нивните реални потреби.
Со Планот за Македонија, СДСМ директно ќе ги враќа парите назад кон граѓаните, со што ќе влијае на подобрување на нивниот животен стандард.