Манчевски и Габриел се заложија за поевтин роаминг на Балканот
Се покренува нова иницијатива за намалување на цените во роаминг за земјите од Западен Балкан. За оваа заложба е разговарано на средбата со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и еврокомесарката од Бугарија Марија Габриел која е дел од претседателството на ЕУ.
„Процесот нема да биде лесен, тоа е процес во кој ќе бидат вклучени сите, и операторите и институциите, но доколку постои политичка волја и конкретни активности, верувам дека ќе успееме да го направиме тоа во наредниот период“, рече Габриел. Како што истакнаа таа, земјите од Западен Балкан се високо на дневниот ред на Европската Унија.
Еврокомесарката Габриел уште еднаш потврди дека земјите од Западен Балкан се високо на дневниот ред на Европската Унија и изрази задоволство што на Дигиталниот Самит кој ќе се одржи за прв пат во Скопје , во април, фокусот е на соработката на земјите од регионот, особено во заедничките заложби за намалување на цената на роамингот. Ова е потврда дека Европската Унија и земјите од регионот имаат иста цел, а тоа е обезбедување подобри услови за комуникација, развој и соработка на своите граѓани.
Министерот Манчевски по средбата во изјава за локалните медиуми, изрази задоволство што дигиталната агенда е дел од приоритетите на Европската Унија. Како што истакна тој, во наредниот период голем број на проекти од ИКТ сферата, како што се младинската гаранција, технолошкиот парк и националниот портал за е-услуги, кои ќе се реализираат во Македонија и во регионот, ќе добијат поддршка од Европската Унија.
Со предвидената соработка на проекти во областа на информатичката технологија, како што објаснија еврокомесарката Габриел и министерот Манчевски, граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките од реформите уште пред да се финализира процесот на интеграција кон Европската Унија.
„Во земјите од Западен Балкан започнува нова ера на пријателство“, заклучи министерот Манчевски
