Економија, финансии, бизнис

Контакт

Малопродажбата бара итна средба со Владата за да предложат сет мерки за спас на нивниот сектор

Малопродажбата бара итна средба со Владата за да предложат сет мерки за спас на нивниот сектор

Не е едноставно, клуч на врата, а вработените дома, со ова се соочивме по затворање на моловите од пандемијата предизвикана од COVID-19, велат  17 холдинзи со над 200 продавници и со околу 1700 вработени. Тие бараат итна средба со Министерство за економија и Министерство за финансии за идните итни мерки.

„Сите ние, кои сме во малопродажба на брендови, мали и големи, се наоѓаме пред најголемата финансиска криза во нашата историја на постоење. Бараме итна средба со министрите кои се одговрни за финансии и економија да дискутираме за сет мерките кои би се донеле. Со неработењето на продавниците имаме проблеми со ликвидноста, зголемување на корпоративните долгувања, неможноста за исплата на плати и придонеси, неплаќање на јавни и царински давачки, како и неможноста за исплата на камати и кредити. Исто така имаме проблем и за сервисирање на трошоците кон домашните трговски центри и домашни добавувачи на стоки и услуги. Сакаме отворено да дискутираме и на маса да ги изнесеме нашите барања“ потенцираат претставниците од 17-те холдинзи.

За надминување на моменталната состојба треба да се имплементираат низа економски и финансиски мерки кои треба да овозможат конкретна помош на приватниот сектор. Особено во услови кога примарната дејност и прилив на тековни парични средства е стопирана.

„Потребно е сите заедно да ги разгледаме проблематиките со кој се соочуваме во малопродажбата на текстил и обувки коишто функционираат долги години и помагаат во економскиот раст и развој на Република Северна Македонија“ додаваат претставниците од малопродажба.

Само во Скопје егзистираат повеќе од 300 специјализирани продавници на текстилни и спортски модни марки, вклучувајќи ги и модните марки за обувки. Паричните текови реализирани преку малопродажбата ќе изостанат со што се намалуваат и приливите во државните буџети по основ на даноци.

Многумина од овие продавници се спречени да ја вршат дејноста, а како резултат на мерките за криза и превенција  и директно е загрозен работниот однос на повеќе од 3.800 вработени.

Ова барање за итна средба е иницирано од 17-те холдинзи, Фешн Груп, ЦМ Делта, Сорт М, Спорт Висион, Катер КМ, Пеко, Нептун, Нени-Компани, Мега Спорт, Матекс, Магнетик, Кристиана, Котон, Квазар Петар, Делта Спорт, Мај Тајм, Божиновски.

Слично

Поврзани вести