Економија, финансии, бизнис

Контакт

Малку ли се 1000 евра за персоналецот – Како е во Европа и регионот?

Малку ли се 1000 евра за персоналецот – Како е во Европа и регионот?

Дали сумата од 1.000 евра ќе ја обезбеди праведноста па побогатите ќе плаќаат повеќе, а тие со помали приходи помалку? Дали двете стапки воопшто значат прогресивен данок на доход? Многу прашања се отворија откако министерот за финансии Драган Тевдовски најави дека персоналниот данок на доход во земјава повеќе нема да е рамен, туку ќе се воведе уште една даночна стапка  од 18 отсто со која ќе се даночат приходите кои се над 60.000 денари. Приходот до таа сума ќе се даночи со стапката која и сега се применува или 10 отсто. Со актуелната стапка, Македонија беше една од земјите со најниски даночни стапки во светот. Но, прогресивен данок на доход имаат повеќе земји во светот, а стапките се доста високи, дури неверојатно високи за наши услови. Од земјите во регионот прогресивен данок на доход имаат Хрватска и Албанија. Еден вид прогресија има и во Србија, додека во Бугарија се применува рамен данок.

КОЛКУ ПЛАЌААТ ХРВАТИТЕ И АЛБАНЦИТЕ

Според актуелниот закон, во Хрватска има две стапки – 24 и 36 проценти. Пониската стапка се применува за вкупни годишни приходи од 210 илјади куни или што е над 28 илјади евра за сите 12 месеци – месечно по над 2.300 евра иако стапката не се пресметува на месечно ниво. Стапката од 36 проценти се применува за вупните приходи кои се над овој износ или над 28.000 евра.

Во Албанија пак, има три стапки од кои првата е нула, или за приходи до 30.000леки (232 евра) данок воопшто не се плаќа. За вкупни приходи од 30.000 до 130.000 леки што е околу илјада евра, стапката е 13 проценти, додека над таа сума или над 1.000 евра се пресметува данок на доход со стапка од 23 отсто.

Во соседна Бугарија има рамен данок и стапката изнесува десет отсто, додека во Србија пресметката е поспецифична. Имено ако даночниот обврзник во текот на минатата година остварил даночен доход до сума која е до шест пати поголема од просечната годишна заработка тогаш годишниот данок е 10 отсто. За оние кои имаат приходи кои се поголеми од шесткратен годишен приход тогаш стапката е 15 отсто.

Персоналниот данок ги опфаќа сите заработени приходи во текот на една година. Бруто платата, значи во основицата не влегува само тоа што сме го земале туку платата без одбиениот данок. Но таму ќе влезат и сите приходи од самостојна работа, доходите од имот, од капитал и од осигурување. Се даночат заработените пари, ама и добрата, наследството, подароците.

КАДЕ ИМА НАЈВИСОКИ СТАПКИ

Инаку ако се анализира висината на стапката, Шведска во Европа е земјата која на граѓаните им наплатува најмногу за вкупните приходи. Таму највисоката стапка моментно е 61,8 проценти. Следуваат Данска, Австрија, Белгија, Холандија, Финска, па Словенија каде стапките се повисоки од 50 отсто. Во Грција највисоката стапка е 45 проценти, додека на ниво на цела Европска Унија стапката е 38,6 проценти – иако секоја земја поединечно има различна стапка. Под 30 отсто даночна стапка кај персоналецот имаат освен Албанија и Словачка, Чешка, Естонија, Латвија. Во Русија има рамен данок и стапката изнесува 13 отсто, додека најниска е стапката на персоналецот во Црна Гора, каде за приходите се наплатува данок со стапка од само 9 отсто.

А.Т.

Слично

Поврзани вести