Малите партии сакаат да се вклучат во преговорите за излез од кризата
Помалите партии и невладини организации бараат да бидат вклучени во преговорите за излез од политичката криза во која се наоѓа земјата.
Од Коалицијата за промени и правда велат дека ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ немаат кредибилитет да зборуваат за реформи, стабилност и фер избори бидејќи токму тие ги блокираат сите позитивни процеси, а државата ја држат во заложништво. Од ФРОДЕМ побара преговорите да бидат јавни и транспарентни.
„Како е можно повторно во преговорите за излез од кризата и формирање експертска влада да преговараат само оние кои не го испочитуваа Договорот од Пржино? Потребен е нов договор или анкес на договорот со вклучување на нови политички субјекти, како баланс на постојните“- изјави Јове Кекеновски од ФРОДЕМ.
Предлагаат реформи на изборниот модел, така што Македонија ќе биде една изборна единица. Брааат да си поднесат оставки уставните судии кои учествуваа во промените на Законот за помилување како и да се разрешат обвинителите кои подигнувале обвиненија без докази по налог на владејачката партија.
Велат дека сето ова може да го реализира само реформска Влада.
Преговорите меѓу партиите треба да резултираат со нова Влада која ќе ги спроведе изборите.
Ставовите се поделени за тоа кога ќе се одржат избори. Според лидерот на СДСМ, Зоран Заев избори би можело да има наесен, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека тоа може да се случи во 2017 или 2018 година.
