Макстил со приходи од над милијарда денари, но колкава е добивката?
Макстил АД Скопје во својот неконсолидиран финансиски извештај за првиот квартал од 2017 прикажал голем раст на приходите во однос на истиот период од лани.
Оперативните приходи достигнале одлични 1,1 милијарди денари, со раст на продажбата како на домашниот, така и на странскиот пазар. Извозот се зголемил за околу 270 милиони денари што покажува ветувачки старт на годината.
Додека оперативата на Макстил е во пораст со раст на залихите на готови и недовршени производи, како и капитализирано сопствено производство, поголем пад се бележи кај финансиските приходи. Во К1 од годинава Макстил има остварено само 7,6 милиони денари од вложувања, заеми и камати и курсни разлики.

Кога активностите на компанијата се зголемени за очекување е да растат и трошоците, па така на расходната страна Макстил има пораст од нешто над 40 милиони денари или вкупно оперативните расходи изнесуваат нешто над 1 милијарда денари. Од нив најмногу се трошело за суровини и материјали со околу 726 милиони денари, а за околу 20 милиони денари се зголемиле и трошоците за вработените кои во овој квартал изнесуваат вкупно 103.994.000 денари.
Пораст има и кај финансиските расходи од 11 милиони денари или вкупно 29.854.000 денари и тоа најмногу за камати и слични расходи.
Крајниот резултат за Макстил и покрај поголемиот раст на приходите на крајот е полош од тој што е остварен лани. Макстил ова тромесечје го завршува со добивка од 883.000 денари по пресметаните даноци или доста добар пад во однос на истиот период лани кога оданочената чиста добивка изнесувала 2.164.000 денари.

Ваквите резултати не се разочарувачки за Макстил бидејќи во нивното образложение за финансискиот извештај се наведуваде дека сепај, е реализирана нешто подинамична и поконтинуирана производна активност и покрај тоа што не се реализирани сите расположиви капацитетни можности поради прилики на светскиот пазар на челик и челични производи.
- Карактеристично за структурата на испораките во годинешниов прв квартал е помалата структурна застапеност на сопствените продажби, за сметка на испораките по договори за преработки, што има свој одраз и на висината на остварените приходи. Тековните активности се реализираат во очекуваните за годинава рамки и доколку вака продолжат би требало да очекуваме подобри производни и финансиски ефекти во споредба со минатогодишните, велат од Макстил.
Автор: Христијан Станоевиќ
