Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Макстил“ под закана, новите директори ќе ја спасуваат челичарницата!

„Макстил“ под закана, новите директори ќе ја спасуваат челичарницата!
Иван Бановски е нов генерален директор, а Димитар Цветковски извршен член на Одборот на директори на Економика на „Макстил“. Александар Панов и Нове Георгиевски се отповикани од своите досегашни функции. Новата екипа во компанијата доаѓа во време кога таа се соочува со проблеми од повеќе страни. Кризата не ја „напушта“ металургијата, а Владата не отстапува од намерите да им стави клуч на врата на загадувачите кои нема да се „прочистат“ до први април. Челичарскиот гигант „Макстил“ и официјално го доби својот нов менаџерски тим. Компанијата ја извести Берзата дека Иван Бановски е избран за нов генерален директор, а Димитар Цветковски за извршен член на Одборот на директори на Економика на „Макстил“. Александар Панов и Нове Георгиевски се отповикани од своите досегашни функции. Овие одлуки беа донесени на крајот на минатата година, а Одборот на директори на компанијата вчера ги објави на Македонската берза, како измени во органите на управување. На сите четири одлуки стојат потписите на членовите на новиот Одбор на директори,  предводен од претседатедлот Минчо Јорданов, потоа Димитар Цветковски, Иван Бановски, Метју Џастин Де Морган, Стефано Грамиња, Снежана Сиљановска, Антонио Гози и Татјана Шишковска. „На состанок одржан на 26 декември лани Одборот на директори донесе одлука со која Александар Панов се отповикува од функцијата генерален директор и извршен член на Одборот на директори на ’Макстил‘“, се вели во објавата на компанијата до Берзата. До неа пристигна и одлуката со која Нове Георгиевски се отповикува од функцијата извршен член на Одборот на директори – само за прашања на вработените и односите со нив. Од компанијата информираат и дека на 25 декември Одборот одлучил да се избере Иван Бановски за генераен директор на челичарската компанија. „Во внатрешниот и во надворешниот трговски промет е со ограничено овластување при склучување на договори, потпишување на документи со врзан потпис со извршниот директор за економика, Димитар Цветковски, за вредност до 300.000 евра. Над 300.000 евра потребен е потпис на претседателот на Одборот на директори, Минчо Јорданов и членот на Одборот, Метју Џастин Де Морган. Генералниот директор е посебно одговорен за вработените и за односите со нив“, соопштуваат од компанијата. За извршен член на Одборот на директори на Економика на „Макстил“, пак, е избран Димитар Цветковски. Многу проблеми за решавање Новата екипа во оваа компанија доаѓа во време кога таа се соочува со проблеми од повеќе страни. Односно, иако за економската криза се смета дека е на заминување, тоа не важи за металургијата и за челичарската индустрија, каде што не се очекуваат подобрувања на состојбите. Во земјава, пак, Владата не отстапува од намерите да им стави клуч на врата на сите капацитети кои нема целосно да ги исполнат бараните еколошки стандарди до април годинава, што значи дека останува уште многу малку време за да се направат големите инвестиции во заштитата на животната средина. Тоа чини голема сума и ќе биде значаен финансиски товар за компанијата, за кој во јавноста се ширеа и шпекулации дека тешко ќе може да го издржи. Првиот човек на компанијата, Минчо Јорданов, за некои од медиумите во земјава неодамна ги претстави своите очекувања за оваа година. „За жал, кај металургијата и кај челикот не очекувам дека ќе има некои подобрувања, како што не очекувам дека ќе има и вложувања. ’Макстил‘ повеќе години покажува загуба, која ние ја покриваме. Сега ќе мора да влеземе во еден циклус на инвестиции и во екологијата, и мислам дека ’Макстил‘ уште неколку години ќе биде во една тешка финансиска и производна состојба. Макстил работи веќе подолго време со една третина од своите капацитети и се додека е таква ситуацијата, тешко ќе биде да се очекуваат позитивни резултати“, нагласил Јорданов. Инаку, Иван Бановски, кој во наредниот период ќе раководи со оваа челична компанија, досега ја извршуваше функцијата директор на „Топла валалница“ во рамките на „Макстил“. Тој е кадар кој долги години работел и практично се градел во компанијата, така што старите менаџери сметаат дека ја оставаат во добри раце. Уште кога беа обелоденети намерите за смена на раководството, упатените во „Макстил“ потенцираа дека во неа не треба да се бара никаква друга заднина, освен нормална промена на тимот кој веќе ги исполнува условите за пензија. Според финансиските извештаи, „Макстил“ во трите квартали од годинава остварил добивка од симболични 51 илјада евра, иако е пет пати поголема од истиот период лани. Од компанијата изјавија дека тоа е благодарение на финансиската интервенција од фирмата-мајка од странство. Само во третиот квартал од годинава, оваа компанија влегла во загуба од 130 илјади евра. Министерството за животна средина со предупредување Инаку, Министерството за животна средина уште на почетокот на годинава ги предупреди компаниите што важат за големи загадувачи дека нема да има одложување на крајниот рок за добивање А-интегрирана дозвола. Овој ресор не отстапува од таа намера, иако е свесен дека дел од фирмите до април нема да имаат доволно време да ги направат потребните еколошки инвестиции. За нив се заканува клуч на врата, најави неодамна и министерот за екологија, Абдилаќим Адеми. За компаниите од областа на металургијата се зборуваше дека малку или воопшто не вложувале во заштита на животната средина. „Макстил“, како и некои други компании, побараа одложување на рокот, што не беше прифатено од власта. Министерот Адеми неодамна изрази сомневање дека поголемите капацитети, меѓу кои и „Макстил“, можеби нема да успеат да ги исполнат условите до предвидениот рок. Според него, по април ќе продолжат со работа само фабриките што ги обезбедиле потребните филтри и пречистителни станици. Досегашниот генерален, Панов, пред извесен период за медиумите изјави дека компанијата веќе работи на добивање на дозволата. „’Макстил‘ веќе интензивно работи на реализација на потребните еколошки инвестиции. Сметам дека тој процес ќе заврши во законски определениот рок, до април, или барем ќе се реализира најголемиот дел“, рече Панов. Инаку, според најновата состојба од Централниот депозитар за хартии од вредност, најголем поединечен акционер во „Макстил“ е „Дуферко скоп инвестмент лимитед“, која поседува 62,4 отсто од капиталот, а втор најголем акционер е „Минјорк оверсис ЛТД“, со учество од 19,38 отсто во компанијата. Ф.Н.
Слично

Поврзани вести