ДУФЕРКО ГИ КУПИЛ НОЌНИТЕ ВИШОЦИ ОД ЕСМ ПО ЦЕНА ОД 135,7 ЕВРА ЗА МЕГАВАТЧАС - домашната компанија победила во конкуренција со други две фирми
Државниот производител на електрична енергија АД ЕСМ вчера го зголемиле производството на струја, со што за тој ден целосно се задоволени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи во земјава, соопшти Владата. Оттаму известија и дека во изминатава недела, вишоците на ноќна струја и се продадени на компанијата Дуферко.
„АД ЕСМ на 17.10.2022 година произведе 12.660 MWh електрична енергија. Во Термоелектраните РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино произведени се 12.253 MWh, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци произведени се 407 MWh. АД ЕСМ на 17.10.2022 година целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствени, домашни капацитети“, се вели во владиното соопштение.
Се додава и дека согласно договорот кој го склучи ЕСМ Продажба на 12.10.2022 година за продажба на 1.200 MWh вишоци на електрична енергија за периодот 13 – 18 октомври 2022 година со Дуферко МК, утрово се продадени последните 200 MWh.
„Станува збор за електрична енергија произведена во период од 2 до 6 часот за која Дуферко МК во конкуренција на уште две други компании (ЕТМТ и ДАНСКЕ) понуди цена од 135,7 евра од мегаватчас“, се вели во соопштението од Владата.
Инаку, овие податоци од Владата ги презеле од Диспечерскиот извештај на АД ЕСМ за 17.10.2022 година.
Веројатно ова е во духот на зголемената владина транспарентност околу енергетската состојба во земјава која вчера ја најавија владини извори.
