Макрон го посети Цетинскиот манастир во Црна Гора
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, заедно со неговиот црногорски колега Јаков Милатовиќ, го посетија Цетинскиот манастир и митрополитот црногорско-приморски Јоаникије, соопшти Митрополија црногорско-приморска (МЦП).
Во Цетинскиот манастир, како што додава МЦП, достоинствениците беа пречекани од Високопреподобниот митрополит Јоаникије, кој го запозна францускиот претседател и неговата делегација со, како што велат, богатата и славна историја на Цетинскиот манастир и светилиштата што се чуваат во него.
„За угледните гости беше организиран прием во просториите на Митрополијата, за време на кој во пријатна и срдечна атмосфера беа разгледани многу актуелни теми. Претседателот Макрон го информираше митрополитот Јоаникије за причините за неговата посета на Црна Гора, како и за перспективите и можностите што се отвораат за Црна Гора во рамките на членството во Европската Унија“, се наведува во соопштението.
Јоаникије ги поздрави гостите и ја нагласи важноста на посетата на претседателот Макрон на Црна Гора.
„Тој зборуваше за мисијата, културните и духовните активности на Митрополијата Црногорско-приморска во Црна Гора, како и за вековните напори на Српската православна црква за зачувување и градење на христијанското и културното наследство на овие простори“, се вели во соопштението.
МПЦ изјави дека средбата била можност соговорниците да се потсетат на нераскинливите и силни врски на нашите народи во минатото.
„На крајот од пријателскиот и искрен разговор, претседателот Макрон му се заблагодари на домаќинот за топлото добредојде и убавиот разговор, а митрополитот Јоаникије, во спомен на оваа посета, му подари на претседателот на Франција реплика од ранохристијанскиот диск, познат како „Подгоричка чаша“, реликт што е пронајден на локалитетот Дукља, а кој денес се чува во познатиот музеј Ермитаж“, се заклучува во соопштението на МЦП.
