Макроекономски изгледи: Дали економијата на САД се движи кон рецесија?
Американската економија отсекогаш била клучниот барометар за глобалните движења, а нејзините циклуси на контракција и експанзија се предмет на постојана дисекција од страна на светските аналитичари. Сепак, во времиња на пазарна нестабилност, кога информативниот простор е преплавен со „шум“ и емотивни реакции, професионалната одговорност на аналитичарот станува уште поголема.
Наместо да се потпирам на шпекулативни наративи, мојот пристап е цврсто втемелен врз објективноста на податоците и официјалните индикатори. Сè друго е само реторика која служи за поттикнување краткорочна атрактивност.
Во оваа колумна, преку анализа на пет клучни показатели, ќе направам пресек на макроекономската слика на САД за веќе изминатата 2025 година и што таа ни најавува за макроекономската иднина и берзанските пазари.
За стратешкиот инвеститор, американската економија често наликува на сложувалка од променливи циклуси. За вистински да ги процениме компаниите во нашите портфолија, мора прво да го разбереме макроекономскиот терен на кој тие стојат. Гледајќи ги податоците на крајот на 2025 година, се наоѓаме во критичен момент — дефиниран од разладување на пазарот на труд, променливи трговски политики и технолошка револуција која може да биде нашиот „спас во последен час“.
Приказната за нашиот сегашен циклус започна во “високооктанската” атмосфера на 2023 година. Како целиот свет така и американската нацијата целосно излегуваше од сенката на пандемијата, стапката на невработеност падна на историски ниско ниво од 3,4% во април, 2023 година. Тоа беше ера на „надополнување на изгубеното време“, каде што потрошувачката ги надмина понудите на залихи и услуги, што на крајот ја покачи инфлацијата до врв од 6,5% во февруари 2023 година, ова е податок на инфлацијата без земање во предвид на цените на храната и енергенсите кои беа многу флуктуирачки.
Но, како што одминуваше календарот, трендот започна загрижувачки пресврт. Невработеноста оттогаш постојано се движи нагоре, достигнувајќи пик од 4,5% во извештаите од ноември, по што во декември следеше благ пад на 4,4%.
Сепак, историјата нè учи дека штом стапката на невработеност ќе го започне овој подем, таа ретко запира, тоа обично активира „негативен маѓепсан круг“.
Кога луѓето ги губат своите работни места, тие ја намалуваат потрошувачката, што ги принудува бизнисите да престанат со вработување — создавајќи надолна спирала која самата се засилува.

Предупредувањето од барањата на паричен надоместок во случај на невработеност (Continuing Claims).
Иако главната стапка на невработеност го привлекува вниманието, вистинската приказна за долгорочните аналитичари лежи во континуираните барања за паричен надоместок во случај на невработеност — бројот на поединци кои веќе примаат бенефиции, но сè уште не нашле нова работа. Според податоците на fred.st.louisfed.org, оваа бројка е во постојан пораст, зголемувајќи се од рекордно ниските 1,3 милиони во 2022 година на приближно 1,914 милиони кон крајот на декември 2025 година.
Овој пораст е критичен сигнал: сугерира дека иако масовните отпуштања сè уште не се норма, „брзината на бегство“ од невработеноста се забавува. И покрај одредени прекини во податоците предизвикани од неодамнешната блокада на владата, трендот останува јасен. Сепак, дури и со речиси 2 милиони барања за невработеност, сè уште не сме на алармантни историски нивоа. Пазарот на труд моментално се карактеризира со „ниско ниво на ново вработување, но и ниско ниво на ново отпуштање“.
Ова „бавно“ разладување во голема мера се должи на чувањето на работната сила (labor hoarding). По неколкугодишна борба со високите трошоци за регрутирање и обука на таленти, бизнисите сега се двоумат пред да почнат со отпуштања. Наместо драстични кратења, тие се обидуваат да ја „пребродат бурата“ со намалување на работните часови или паузирање на новите вработувања, обидувајќи се по секоја цена да ги задржат тимовите што толку напорно ги граделе.
Инфлацијата и пречките од тарифите
Оваа отпорност на пазарот на труд се случува истовремено со стратешкиот пресврт на Федералните резерви (ФЕД). Препознавајќи го трендот на забавување, централната банка веќе презеде чекори за намалување на каматните стапки. Нивната способност да го стимулираат растот, сепак, е контаминирана од Трамповата најава на агресивните трговски тарифи према трговско суфицитарните земји, како што тој ги нарече земјите со кои САД губитнички тргува.
Додека инфлацијата се ладеше до почетокот на 2024 година, воведувањето на широки увозни давачки создаде ненадеен шок на страната на понудата.
Бидејќи американските бизниси — а не странските земји — се оние кои ги плаќаат овие давачки, трошоците за сè, од суровини до стоки за широка потрошувачка, останаа покачени. Видовме краток период каде инфлацијата го преврте својот надолен тренд, иако администрацијата оттогаш ги ублажи некои од овие тарифи. На крај, сепак тарифната попусливост овозможи инфлацијата повторно да почне да опаѓа, иако таа останува тврдоглаво над целта на ФЕД од 2%, што ја ограничува нивната агресивност во намалувањето на каматите.
Вештачката интелигенција како „Светиот грал“ и политичката неизвесност
Податоците за БДП совршено ја рефлектираат оваа нестабилност. Во првата половина на 2025 година, економијата забави на 0,73% раст на БДП додека се подготвуваше за влијанијата на тарифите, но покажа извонредна издржливост и веќе во вториот квартал растот на БДП се врати на 1,48%, а во третиот квартал на 2025 година достигна раст од 2%. Овој скок беше поттикнат од бизнисите кои ги продаваа залихите што мудро ги изградија по претходни, пониски цени — процес кој поддржа огромна мрежа на логистички и административен кадар.
Можеби најфасцинантното поглавје во оваа приказна е улогата на вештачката интелигенција (ВИ). Уште од подемот на интернетот во 1990-тите, САД се во потрага по „Светиот грал“: зголемување на потенцијалниот БДП— способноста да се расте без да се предизвика инфлација. ВИ го дава тој поттик денес. Таа овозможува економијата да постигне повеќе со помалку ресурси, што објаснува зошто берзата остана изненадувачки силна. Инвеститорите гледаат подалеку од цикличниот пад и се обложуваат на нова ера на продуктивност.
Сепак, останува еден темен облак во форма на Индексот на неизвесност во економската политика (Economic Policy Uncertainty Index). За сопственикот на бизнис, висоиот трошок е предизвик, но неизвесноста е парализа.
Тековните податоци покажуваат дека политичката неизвесност сега е поголема отколку што беше за време на врвот на пандемијата во 2020 година. Кога тарифните стапки драстично флуктуираат врз основа на дневните вести, бизнисмените престануваат да градат фабрики. Тие не можат да се обврзат на домашно производство денес, ако промената на политиката утре ги направи увозните производи на нивните конкуренти поевтини.
Заклучок: Отпорност низ падот
Генерално, навигираме низ економија која забавува, но не се крши. Таа станува поотпорна бидејќи постоечките фабрики ја зголемуваат својата искористеност. Иако патот пред нас може да вклучува техничка рецесија, податоците сугерираат дека таа ќе биде поплитка од оние во минатото.
Помеѓу „резервниот капацитет“ на ФЕД за дополнителни намалувања на каматните стапки и способноста на владата да издаде стимулации за домаќинствата, американската економија поседува доволно механизми за да спречи „тврдо приземјување“. За инвеститорот, клучот е да се набљудува пресекот помеѓу потенцијалот на ВИ и евентуалната стабилизација на трговската политика.
Забелешка за транспарентност на податоците: Податоците наведени во оваа анализа — вклучувајќи ја стапката на невработеност (UNRATE), барањата за паричен надоместок во случај на невработеност (CCSA), инфлација без енергетија и храна (SPI), индекс на неизвесност во економските политики (EPUI) и раст на БДП (GDP) — се преземени од FRED (Federal Reserve Economic Data) обезбедени од Federal Reserve Bank of St. Louis (fred.st.louisfed.org).
д-р(к.) Васко Костов, Хајделберг Факултет во Скопје
*ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на фактор