Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Макпетрол“ се раздолжи! Врати 30,7 милиони евра краткорочни кредити

„Макпетрол“ се раздолжи! Врати 30,7 милиони евра краткорочни кредити

Најголемата компанија за малопродажба на нафтени деривати имаше одлична година во која ги продаде акциите во ГА-МА и се раздолжи. Благодарение на тоа ги преполови каматите што ги плаќаше за своите заеми и успеа да прокнижи профит од 24 милиони евра во кои продажбата на акциите од ГА-МА учествува со 14 милиони евра

„Макпетрол“ лани успеа да раздолжи 95 отсто од своите краткорочни кредити односно го намали својот долг за 30,7 милиони евра, покажуваат официјалните резултати од билансот на состојба на најголемата домашна компанија чија основна дејност е трговија на мало со нафтени деривати. Благодарејќи на тоа компанијата лани ги скрати своите трошоци за камати за 400.000 евра во споредба со претходната година.

Големото чистење на кредитните обврски на „Макпетрол“ е овозможено од продажбата на акциите што компанијата ги имаше во ГА-МА друштвото кое управува со преносниот гасоводен систем. За тие акции државата на „Макпетрол“ му плати 32,8 милиони евра (колку што се евидентирани во извештајот за паричен тек  како парични приливи од продажба на заеднички вложувања).

„Макпетрол“ е една од најголемите фирми на домашниот пазар и е компанија со најголеми приходи од сите друштва чии акции котираат на Официјалниот пазар на берзата. Приходите од продажба на оваа компанија лани пораснале за 29 отсто во споредба со 2020 година и достигнале 347 милиони евра. Тоа е и очекуван резултат со оглед на укинувањето на голем број од ограничувањата предизвикани од здравствената пандемија. Приходите кои „Макпетрол“ ги остварува на  домашниот пазар сочинуваат повеќе од 95 отсто од сите приходи на компанијата.Нивното зголемување во однос на претходната година е комбинација на два фактори: раст на потрошувачката за горива заради укинување на ковид ограничувањата и зголемување на цените на енергенсите на светските берзи особено изразено во последниот квартал од 2021 година.
Порастот на приходите на мало лани според објаснувањето од компанијата се должи на три фактори од кои најголемо е учеството на зголемениот промет со нафтени деривати пред зголемување на прометот со стоки за широка потрошувачка кои се продаваат на бензинските пумпи и зголемената продажба на метан на бензинските станици на компанијата.

 Исклучителен раст во билансот на приходи на „Макпетрол“ бележат останатите оперативни приходи. Тие лани пораснале за 11 пати во однос на 2020 година и тоа е резултат на продажбата на акциите кои „Макпетрол“ ги поседуваше во ГА-МА.

Вкупните оперативни расходи на компанијата лани достигнале 340 милиони евра и се за 27 отсто повисоки од претходната година. Трошокот за набавка на трговски стоки, најголема расходна ставка, изнесува 300 милиони евра и е зголемен за 31 отсто. Овој раст е рефлексија, во најголема мерка, на зголемување на берзанските цени на нафтените деривати со кои „Макпетрол“ ги снабдува своите клиенти на повеќе од 130 бензиски станици ширум Македонија.

Оперативната добивка на компанијата лани изнесува над 23 милиони евра, а по додавањето на нето финансиските приходи вредни околу 1,76 милиони евра добивката пред оданочување достигнува 24,8 милиони евра. Според образложението кон финансиските резултати, објавено од менаџментот на компанијата, добивката од продажбата на акциите во ГА-МА во добивката пред оданочување во добивката учествува со 14 милиони евра (податоците се достапни во графичкиот приказ на страна број 5 на следниот линк https://www.seinet.com.mk/?docID=57904)

По одбивање на данокот нето добивката на оваа компанија изнесува 22,3 милиони евра.

„Макпетрол“ лани во модернизација и реновирање на бензински пумпи и други објекти вложи 5 милиони евра и вработи 150 лица.


Слично

Поврзани вести