МАКПЕТРОЛ ПОЧНУВА ДА ИСПЛАЌА ДИВИДЕНДА: Бруто износот е најголем досега
Макпетрол почнува со исплата на дивиденда, во рекордна сума од 6,9 милиони евра, односно 424.804.800 денари во бруто износ.
Дивидендата ќе се исплаќа по 4.200 денари по акција, а исплатата започнува денеска.
„Макпетрол А.Д. - Скопје, со седиште на ул. Св. Кирил и Методиј бр 4., 1000 Скопје, согласно Одлуката за плаќање на дивиденда по Годишната сметка на Друштвото за 2024 година (Дивиденден календар) број 0201-31/2-3 од 20.5.2025 година, донесена на XXIX-тото годишно Собрание на акционери, објавува дека на ден 26.08.2025 година, започнува со исплата на дивиденда во бруто износ од 424.804.800 денари, односно во бруто-износ од 4.200 денари по акција“, соопшти Макпетрол преку Македонската берза.
Дивидендата се исплаќа поради успехот на Макпетрол во минатата година, која ја заврши со добивка од над 17 милиони евра.
Во првата половина на 2025 година, компанијата оствари приход од 14,48 милијарди денари кој е поголем од минатогодишниот за 99,76 милиони денари. Добивката пред оданочување достигна 507,31 милиони денари, а по оданочување изнесува 464,19 милиони денари – за 5 отсто повисока од лани.
