Економија, финансии, бизнис

Контакт

„МАКПЕТРОЛ“ НЕМА ДА НОСИ ГАС ЗА ПАРНО ЗА НОЕМВРИ - компанијата доставила понуда до Владата, но таа чекаше и други понуди

„МАКПЕТРОЛ“ НЕМА ДА НОСИ ГАС ЗА ПАРНО ЗА НОЕМВРИ - компанијата доставила понуда до Владата, но таа чекаше и други понуди

Компанијата „Макпетрол“ се огласи до јавноста со информација дека државната ЕСМ, која сега е одговорна за обезбедување парно за скопјани, не ја прифатиле нивната понуда за снабдување со гас, односно не ја потврдиле набавката на потребните количини. 

Поради тоа, „Макпетрол“ нема да ги набави тие количини на гас од компанијата „Гаспром“. Односно, „Макпетрол“ нема да набави гас за топланите Исток и Запад, што значи дека македонските власти тие количини ќе треба да ги набават од друг извор.

„Од причина што грејната сезона започна на 15-ти октомври, сè поизвесно е прашањето за производство на топлинска енергија и загревање на објектите во градот Скопје, за месец ноември. Макпетрол АД ја известува пошироката јавност дека минатата недела, на 12-ти октомври достави Понуда до АД ЕСМ за количините потребни за топланите Исток и Запад за месец ноември.

Крајниот рок за прифаќање на понудата од страна на АД ЕСМ измина на 17-ти овој месец, за што дотогаш компанијата Макпетрол АД мораше да ги најави и плати потребните количини кај својот добавувач.

АД ЕСМ до вчера не ги потврди потребните количини, поради што Макпетрол АД ги најави останатите количини за своите потрошувачи без количините потребни за производство на топлинска енергија за топланите Исток и Запад“, се вели во соопштението од Макпетрол.

Инаку, на брифинг со новинарите, вчера владини извори соопштија дека очекуваат две до три понуди за снабдување со гас за ноември, а откако тие официјално ќе пристигнат овие денови, ЕСМ ќе го направи изборот.

Овие извори од Владата рекоа дека изборот ќе се прави и врз основа на цената, но и врз основа на тоа дали одредена компанија ќе може да понуди и да гарантира фиксна цена на гасот за период од шест месеци, независно како таа цена ќе се движи на светските берзи. 

Извори од Владата рекоа дека таква понуда, со фиксна цена на гасот, очекуваат да пристигне, но засега не сакаа да ги објават имињата на можните компании снабдувачи. 

Според Владата, најголем проблем не се всушност цените на гасот на берзите, туку дали Бугарија ќе го прошири капацитетот на гасоводот за негов доток во земјава.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести