Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Макпетрол“: Jаболко на раздорот или заклан вол за само една шницла?!

„Макпетрол“: Jаболко на раздорот или заклан вол за само една шницла?!
Една анегдота вели: на ромска свадба се степале сватови при што водителот (лице кое јавно на микрофон на свадба ги чита износите на даруваните пари за младенците) видно возбуден извикал на разгласот: Се молам Ромите да не прават цигански работи! ... Да не излезе вака и работата со кривичните пријави на директорите во „Макпетрол“???
Веста дека МВР поднел кривични пријави за членовите на врвниот менаџмент во „Макпетрол“ силно ја возбуди јавноста. Веста различно ја примаа различни интересни групи во зависност од нивната позиција и инволвираност. Менаџерите на „Макпетрол“ веднаш ја оценија како тенденциозна и неоснована, а во ова гледаат хајка. Наспроти нив значаен дел од вработените – пумпаши на бензиските пумпи на компанијата фаќаа сеир на нивните директори, а некои и отворено коментираа дека им дошол крајот кога фирмата ја довеле во лоша финансиска состојба која веќе личи на безизлез. Инвеститорите кои тргуваат на берзата денеска, барем од тоа што може да види од цените на пазарот, покажаа оптимизам веројатно верувајќи дека сега треба да се купи и да се чека позиција зашто очекуваат некаков можен расплет кој за нив би донел капитални добивки. Секој има право да реагира и да се позиционира согласно со неговиот интерес и неговата позиција.
Малку историја, што всушност е предмет на кривичната пријава?
Од тоа што можеше да се прочита од информативните гласила, пред се порталите, се добива заклучок дека МВР утврдило основано сомнение дека менаџерите на „Макпетрол“ незаконски прелеале акционерски капитал во транспортната компанија „ОИЛКО“. Без да тврдиме, ќе тргнеме од претпоставката дека пријавата се однесува на периодот во кој менаџери од „Макпетрол“ станаа сопственици на акции во командитното друштво ОИЛКО. Ако се потсетиме ќе се увериме дека и тогаш некои новинари пишуваа дека целата постапка за основање на друштвото е дискутабилна. Но само толку, никогаш не беше покренат процес ниту беше поништена постапка за основање. Што се случи? Менаџерите на „Макпетрол“ заедно со „Макпетрол“ (значи одобрено од најголем дел од акционерите на компанијата) одлучија да основаат нова компанија специјализирана за транспорт на запаливи материи односно горива во најголема мерка. Оваа фирма ја основаа како командитно друштво, а како основачи се јавија раководни лица во „Макпетрол“ и тогаш за нивните акции во „Макпетрол“ добија кредити од банки, а средствата ги вложија во основање на новата компанија која за најголем клиент – очекувано го доби токму „Макпетрол“! Дали тие го злоупотребиле и злоупотребуваат нивното одлучување во „Макпетрол“ за да создадат корист за нивната фирма ОИЛКО? Треба некој да докаже дека тоа е „сива зона“ на нашиот правен систем во која не е казниво тоа. Како косопственик се јави и „Макпетрол“ основач на новото, и засега единствено командитно друштво, ОИЛКО. Воедно и по девет години ОИЛКО е единствено командитно друштво во земјава што значи дека излегува оти тој закон е специјално правен за таа намена, но тоа треба да се докаже и кој може нека го докаже.
Од тогаш наваму „Макпетрол“ и ОИЛКО почнаа да соработуваат. ОИЛКО, со своите над 70 специјални возила,  вози деривати до бензинските пумпи на „Макпетрол“. Во акционерската структура најголем сопственик на ОИЛКО е „Макпетрол“ со 35,6 отсто, а втор е Андреја Јосифовски, претседател на Управниот одбор на „Макпетрол“ со посед врз 14,9 отсто од акциите. И други раководни лица на „Макпетрол“ имаат акции во ОИЛКО. Освен Јосифовски во ОИЛКО акционери се уште 63 физички лица кои заедно поседуваат 49,5 отсто од акциите во ОИЛКО! На другата страна во акционерската структура на „Макпетрол“ ОИЛКО е најголем поединечен акционер и поседува 22,3 отсто од акциите. Дури 67 отсто од акциите имаат над 2.500 домашни физички лица – голем дел од нив се сегашни и поранешни работници на „Макпетрол“.
Како сега работат ОИЛКО и „Макпетрол“?
Ако се гледаат последните три години 2012, 2013 и 2014 година во очи паѓаат две работи: „Макпетрол“ постојано губи од својот промет значи го намалува своето пазарно учество и „Макпетрол“ секоја од овие три години книжи загуби од работењето. Наспроти него, неговото чедо, ОИЛКО бележи постојан раст на добивката од работење, а во 2013 година има раст на приходи од продажба додека во 2014 година тие паѓаат за над 10 отсто, но добивката му расте. ОИЛКО дели и дивиденда и солидни суми од тоа се враќаат во „Макпетрол“, а дел си добива и Јосифовски и другите менаџери – акционери во ОИЛКО. Не е тајна дека има незадоволство кај вработени во „Макпетрол“ – намалени плати, построги услови, притисоци дека се непродуктивни особено пумпашите, фирмата работи во загуба... Ако се видат билансите на „Макпетрол“ ќе се види дека фирмата постојано книжи загуби во последните три години, нема акумулирана добивка, а се намалува и вредноста на главнината во овој период. Од билансите може да се види дека „Макпетрол“ плаќа големи и значајни суми како камати на банките кои ја финансираат неговата активност и тоа покажува дека фирмата работи во услови кои се комплексни. Ако се гледаат билансите на „Макпетрол“ секој што малку разбира финансии ќе си го постави прашањето: Па мајката, како вака и уште колку ова може да трае? Веројатно додека банките ги добиваат своите камати? Затоа што „Макпетрол“ е една од неколкуте најголеми клиенти од аспект на приходите што ги остварува и тука банките секогаш внимаваат многу. Наспроти тоа ОИЛКО работи многу подобро иако неговиот главен акционер и најголем клиент има потешкотии во своето работење. Менаџерите на „Макпетрол“ во своите извештаи причините за лошите резултати ги правдаат со следново: нелојална конкуренција на пазарот на деривати, намалена потрошувачка за горива, големи трошоци за одржување на складиштата за државни нафтени резерви, проблеми со снабдувањето со гас и нерешен статус на операциите за снабдување со природен гас и таканатаму. Ако се гледа од страна голем дел од овие проблеми не се нерешливи и со внатрешна рационализација можат да се надминат, но дали менаџерите се спремни да ја сменат „социјалната“ политика кога голем дел од пумпашите или нивни родители се акционери. Веројатно дека дел од причините за отежнато работење лежат и во системските решенија.
Стратешката позиција на „Макпетрол“ е причина за ударот врз менаџерите?
„Макпетрол“, со неговата поставеност на пазарот и во националната економија, има неколку стратешки важни улоги. Прво е најголем малопродажен ланец за нафтени деривати, второ е еден од најголеми по обем генератори на промет, трето има ресурси и кадри кои се исклучително вешти во управување со националниот гасоводен систем, а таму компанијата има и сопственост врз инфраструктурата. Од горенабројаното „Макпетрол“ е исклучително важна и посакувана компанија на нашиот пазар во сегментите за нафтени деривати и за природен гас. Воедно компанијата има складишта за нафтени деривати. Ова значи дека во тој бизнис има големи пари. И во деривати и во природен гас. Да, „Макпетрол“ има и национална телевизија која критички ги опсервира потезите на актуелниот политички есталишмент. Дали во овие причини може да се бара мотивот на некој силен и многу моќен што сака да стави рака на фирмата? И при тоа да го канализира и искористи зголеменот незадоволство кај вработените пред се пумпашите користејќи ги нив како акционери кои би гласале против? Времето ќе покаже... Секако дека ако дојде до промена во водството тие што сега се незадоволни ќе треба да бидат подготвени на резови во смисла на намалување на број на вработени, па можеби и затворање на некои пумпи или затворање на некои трговски бизниси кои сега ги има „Макпетрол“. Ако некој сакаше да плати повеќе од пазарната цена на таа акција и го превземе „Макпетрол“ и досега можеше да даде јавна понуда и да го купи. Ако просечен вработен има 60 акции и за секоја од нив добие по 1.000 евра, дали во ваква ситуација ќе се мисли да продаде? Веројатно помалку ќе се мислат одошто порано кога немаше загуби. Зошто тогаш немаше досега јавна понуда? Така би било најчиство.Веројатно никој не сака да даде пари за врзана вреќа во која не е сигурен што се може да има. Дали пак некој ги сака само деловните операции со гасоводот па сега врши ваков притисок врз менаџерите да го одвојат тој дел од компанијата? Многу е комлексно тоа и тешко спроведливо, но можеби е тоа? Може ли да се очекува дека по почетната еуфорија цената на акцијата на „Макпетрол“ ќе почне да се намалува и тоа ќе трае подолго време? А зошто да расте кога компанијата веќе некое време не генерира позитивни вести за инвеститорите. Кој сериозен инвеститор би дал пари за компанија чии менаџери се соочуваат со сериозни обвинувања за криминал? Секој би сакал да ја добие ако може да џабе.
Слично

Поврзани вести