Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Макпетрол“ ја скрати загубата на пола милион евра, но изгуби 8,3 милиони евра од продажба

„Макпетрол“ ја скрати загубата на пола милион евра, но изгуби 8,3 милиони евра од продажба
Податоците покажуваат дека компанијата иако се труди не може да ги намали оперативните расходи да бидат под нивото на приходи од продажба Најголемата македонска компанија за малопродажба дизел и бензин „Макпетрол“ книжи загуба од 34,1 милиони денари односно 550.000 евра за првите девет месеци годинава. Во последните три месеци „Макпетрол“ успеал загубата да ја намали за 76 милиони денари од 110,15 милиони денари на 34,1 милиони денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех што оваа компанија го објави во петокот на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Анализата на билансот на успех за периодот јануари – септември и неговата споредба со полугодишниот неконсолидиран биланс покажува дека менаџментот на „Макпетрол“ има стратегија во која ги намалува загубите од работење преку намалување на расходите, но последица на тоа е намалувањето на приходите од продажба што ги остварува компанијата. Имено во првите девет месеци годинава „Макпетрол“ има приходи од продажба во вредност од 15,39 милијарди денари, а очекувано, 14,86 милијарди денари се приходи од продажба на домашниот пазар. Во споредба со истиот период лани „Макпетрол“ бележи намалување на своето пазарно учество односно на приходите од продажба за 510 милиони денари односно за 8,28 милиони евра. На домашниот пазар состојбата е уште позагрижувачка – „Макпетрол“ го намалил своето пазарно учество во периодот јануари – септември за 610 милиони денари (10 милиони евра) и неговите приходи од продажби изнесуваат 14,86 милијарди денари, а лани во тој интервал биле 15,9 милијарди денари. И покрај намалувањето на пазарното учество, оперативните расходи на „Макпетрол“ и понатаму се повисоки од неговите приходи од продажба. Сите расходи на компанијата од оперативно работење во првите девет месеци годинава се 15,5 милијарди денари, а неговите приходи од продажба се 15,39 милијарди денари. Загубата во овој дел ја анулираат приходите од ставката „останати оперативни приходи“ во која се слеале 117,46 милиони денари за да се анулира негативната разлика меѓу приходот од продажба и оперативните расходи. Лани во првите девет месеци висината на оперативните расходи била за 80 милиони денари повисока од приходите од продажба. Во истиот интервал годинава разликата во корист на оперативните расходи е поголема од приходите од продажба и изнесува 110 милиони денари. Значи 31 милиони денари поголема разлика од истиот период лани. И тоа во услови кога расходите се намалени, но за жал, приходите на „Макпетрол“ се намалени во поголема мерка од неговите расходи. Во што е проблемот? Веројатно одговорот на ова прашање треба од менаџерскиот тим на „Макпетрол“ да го побараат повеќе од 2.500 домашни физички лица – акционери во „Макпетрол“ кои поседуваат 67 отсто од акциите со право на глас во „Макпетрол“. Билансот на успех на „Макпетрол“ за првите шест месеци и за периодот јули-септември покажува дека ниту последниот квартал компанијата не успеала да го заврши со скор во кој приходите од продажба ќе бидат повисоки од оперативните расходи. Имено во периодот јули-септември годинава приходите од продажба на „Макпетрол“ се 5,65 милијарди денари односно 91,7 милиони евра. Од нив приходите на домашниот пазар чинат 5,42 милијарди денари односно 88 милиони евра. Во истиот интервал оперативните расходи се зголемени за 5,67 милијарди денари односно за 92 милиони евра. Најголемо учество во агрегатот оперативни расходи има ставката набавка на трговски стоки која изнесува 5,12 милијарди денари. Основна дејност на „Макпетрол“ е трговија на мало со нафтени деривати. Компанијата има мрежа од 124 бензински пумпи во земјава. Најголем акционер е командитното друштво „Оилко“ специјализирано за специјални транспорти со кои се транспортираат дериватите до пумпите на „Макпетрол“. „Оилко“ поседува 22,27 отсто од акциите со право на глас во „Макпетрол“. Според официјалната јавно достапна евиденција на Централниот депозитар на хартии од вредност 61 домашно правно лице имаат 2,4 отсто од акциите, а 19 странски правни лица имаат 6,55 отсто од капиталот. Најбројни се домашните физичките – ги има 2.518 и поседуваат 67,26 отсто од акциите со право на глас.
Слично

Поврзани вести