Макпетрол – хит на летната сезона: за три месеци профит од три милиони евра!!!
Билансот на успех на „Макпетрол“ го крена притисокот на инвеститорската јавност во позитивна смисла на зборот. Резултатот е феноменален и веќе е јасно дека џинот се разбуди од долгогодишниот зимски сон. А стана јасно и дека Андреа Јосифовски знае да работи под притисок! За три месеци во летната сезона што е шпиц за оваа дејност кога луѓето најмногу патуваат „Макпетрол“ го зголеми профитот за 1,8 милиони евра!!!
Добивката на „Макпетрол“ за првите девет месеци годинава е речиси 5 милиони евра, покажува деветмесечниот извештај на најголемата малопродажна македонска компанија. Многу е поважно тоа што, за жал другите заборавија да го напишат или не го видоа, е дека во периодот јули – септември , во ек на сезоната на годишни одмори, добивката на нашиот гигант е 3 милиони евра односно околу 180 милиони денари !!!
Во што е тајната?
Не е комплицирано. Едноставно е. Зголемен е обемот на работа на најголемата малопродажна компанија за продажба на нафтени деривати која поседува повеќе од 100 бензински пумпи ширум земјава. А на пумпите продава и многу производи од широка потрошувачка пред се храна и освежителни пјалоци. Идеално за летно време нели! Цените на дериватите паѓаат, а „Макпетрол“ има фиксна маржа од продажбата на секој литар бензин, плин или дизел. Тоа што паѓаат цените на литар дериват значи дека народот вози поопуштени и троши повеќе. А за „Макпетрол“ значи повеќе продадени литри за поголем збор на пари од маржата. И да не ги заборавиме сладоледите, сокчињата, грцките, сендвичите и другите стоки од нивните продавници во склоп на бензинските пумпи. Приходот од продажба е помал во споредба со лани, но тоа не значи дека е лошо за „Макпетрол“. Напротив. Полошо е за државата заради тоа што и се намалува приходот од ДДВ на дериватите кој е процент од цената. Приходот на „Макпетрол“ е фиксно врзан за литарот и кога се точи повеќе и се заработува повеќе.
Еве ги бројките: продажбата за третиот квартал е 4,71 милијарди денари и е за 180 милиони денари повисока од оперативните трошоци за истиот квартал. Преточено во добивка тоа е главниот генератор за тоа што добивката на компанијаат во периодот јули-септември порасна до речиси 300 милиони денари.
Инвеститори бидете внимателни! Видете ги следниве расходни ставки...
Позицијата на сите иматели на акции во „Макпетрол“ секако дека е перспективна и затоа нема збор. Но бидете внимателни! „Фактор“ ќе ви ги посочи следниве расходни ставки кои растат и во кои може да биде ставено се што му одговора на менаџментот. Прво, видете ги услугите со карактер на материјални трошоци. За првите девет месеци годинава тие изнесуваат 334,9 милиони денари, а лани биле помали за 7 отсто односно за 23,3 милиони денари. Замислете во третиот квратал пораснале за 118,9 милиони денари! Зошто пораснале? Знае менаџментот, но тоа го нема во образложението кон резултатите објавено на берзата. Второ, ставката останати расходи од работењето бележи раст за 42 отсто во однос на лани. Годинава тие трошоци се на ниво од 47 милиони денари, а лани биле 33,1 милиони денари. Трето и многу важно е падот на износот на ставката суровини и други материјали. Лани за тоа „Макпетрол“ во овој период имал трошок од 258,6 милиони денари, а годинава само 90,3 милиони денари. Зошто? Нема одговор во образложението на компанијата. Четврто, менаџментот ги намали трошоците за вработени во компанијата. Годинава тие изнесувале 653,3 милиони денари, а лани биле 661 милион денари. При тоа менаџментот објави во образложението дека вработил 89 лица, но не пишува дали бројот на вработени е намален или е зголемен. Половична информација која во извештајот не може да даде вистинска слика.
Р.Ф.