„Макошпед“ од дивиденди во „Европа“ и „Фершпед“ лапна 233.000 евра
Во добивката за полугодие на „Макошпед“ оперативна добивка учествува со помалку од 10.000 евра, а дивидендите со 233.000 евра
Скопската шпедиција „Макошпед“ во првата половина од годинава парите ги направи од дивиденда од своите акции во „Европа“ и во „Фершпед“, покажуваат официјалните податоци од финансиските извештаи за првото полугодие достапни на берзата.Двете компании во кои „Макошпед“ има акции лани поделија дивиденда на своите акционери. За своите 12,9 отсто акции со право на глас во „Фершпед“ каде што е најголем поединечен акционер, „Макошпед“ доби бруто дивиденда од околу 70.000 евра.Од кондиторската индустрија „Европа“ за своите 19,9 отсто од акциите „Макошпед“ има прилив што надмина 163.000 евра.
Износот од дивиденди што годинава го оствари „Макошпед“ е четири пати поголем од износот од дивиденди остварен во 2018 година за добивките од претходната година.
Добивката на „Макошпед“ е само од дивиденди
За првите шест месеци годинава оваа шпедиција остварила приходи од продажба во износ од 530.000 евра и тие во споредба со истиот период лани се пониски за 5 отсто. Од тоа 525.000 евра се од продажба на домашниот пазар. Оперативните расходи на „Макошпед“ за пола година изнесуваат 521.200 евра и тие се на исто ниво од лани. Оперативната добивка на друштвото е помала од 10.000 евра за првите шест месеци годинава. Во споредба со истиот период лани оперативната добивка на компанјата сега е пониска за 80 отсто. И тука стапуваат на сцена финансиските приходи односно конкретно приходите од дивиденди. За првото полугодие финансиските приходи изнесуваат 255.000 евра, а од од тоа над 233.000 евра се приходи од дивиденди. Финансиските расходи на „Макошпед“ се минорни и тие до крај на јуни изнесувале 4.400 евра.
Значајна и охрабрувачка вест од билансот на состојба за акционерите е и тоа што „Макошпед“ има многу ниско ниво на задолженост. Неговите вкупни обврски се помали од 650.000 евра, а во споредба со истиот период лани се пониски за 30 отсто.
