Макошпед купи нови акции од Фершпед, колкава е сега сопственоста?
Макошпед продолжува да купува акции од Фершпед со што станува еден од најголемите поединечни инвеститори во компанијата за шпедиција, а вложени се стотици илјади евра досега за преземање на обични акции со право на глас кои во минатото се покажаа како неатрактивни бидејќи Фершпед не доделуваше дивиденди.
Акцијата на Фершпед и натаму е доста скапа, односно просечната вредност изнесува околу 56.000 денари, што е најдобра цена годинава иако е далеку од рекордот од 66.550 денари поставен на 10 октомври минатата година кога беше истргувана само една обична акција со право на глас.
Сега Макошпед АД Скопје се стекна со 139 обични акции од Фершпед АД Скопје, со што вкупно поседува 2.336 обични акции, односно 12,90 % од основната главнина на друштвото.
Ова значи дека Макошпед сега вложил уште околу 100 илјади евра со кои ја подобрил ликвидноста на Ферпшед, а ја засилил својата сопственичка структура во акционерското друштво преку зголемен број на акции со право на глас.
За меѓусебните трансакции на Макошпед и Фершпед, Фактор веќе долго време прави анализи и се обидува да стигне до конкретни одговори од двете компании, па ве потсетуваме на неколку текстови.
Зошто менаџерите на „Макошпед“ работат со загуба,а купуваат акции во „Фершпед“?
Може ли „јабанџија“ да купи 6 отсто од „Фершпед“ за помалку од милион евра?
Х.С.