Македонците од Австралија собраа 90 илјади долари за поплавените региони во Македонија
Донаторската акција во организација на Амбасадата на РМ во Канбера и Генералниот конзулат во Мелбурн за поплавените подрачја во Р. Македонија, во која за период од месец дена биле собрани близу 90.000 АУД. Македонците од Австралија, во оваа прилика ја покажаа својата способност да се зачува сопствената визија додека не стане реалност, пренесува поталот „фаланга.ау“.
Акцијата за прибирање на хуманитарна помош беше иницирана веднаш по објавата на повикот за донирање, за што беше отворена посебна сметка за донации на која сите здруженија, клубови и индивидуални лица можеа да донираат средства. Со координиран пристап, преку огромен број на културни и спортски настани, донаторски вечери и медиумска промоција во сите поголеми градови на Австралија каде живеат Македонците, се постигна импресивна сума, која овие денови ќе биде во целост префрлена во Република Македонија, со цел навремено да се алоцира во погодените региони на земјата.
Според амбасадорот Трпевски многу е значајно да се потенцира дека после повеќе години на поделби, недоразбирања и недоверба, Македонската заедница се обедини околу една кауза, една хуманитарна цел во која се вклучија повеќе од 90% од сите здруженија, клубови и медиуми на Македонски јазик во Австралија. Пораката која што ќе ја испрати сумата која е собрана е онаа вистинска порака, дека Македонците од Австралија ја сакаат Р. Македонија и знаат како да го покажат тоа, тогаш кога е најпотребно.
Неодминлив факт е дека во акцијата се вклучија со свои директни донации и четири општини во Австралија, односно Ливерпул, Рокдејл, Квинбијан и Хурствил, потврдувајќи го политичкото влијание и присутност на Македонците во локалната власт – јасен показател за значењето на вклученоста на Македонците во политичкиот живот во Австралија, но и мотив за поголема координираност и видливост пред Австралиските власти, со цел успешна реализација на интересите на Македонската заедница во Австралија.
