Македонците испиле прилепски пива и сокови за 11,23 милиони евра!
Очигледно дека „Прилепска пиварница“ супер продава на домашниот пазар. Билансот покажува дека продажбата пораснала за 8 отсто од лани до 691,6 милиони денари (11,23 милиони евра). Продажбите во странство се само 1,6 отсто од целата продажба.
Најголемата домашно поседувана пиварница во првите шест месеци ги зголеми приходите од продажба на пива и сокови за 8 отсто и тие изнесуваат 691,6 милиони денари и се за 900.000 евра повисоки од истиот период лани. Продажбата во странство бележи драматичен раст во однос на лани пораснала за 4 пати, но и покрај тоа изнесува само 1,6 отсто од целата продажба на брендовите: „Крали Марко“, „Златен даб“, „Миринда“, популарната „Газоза„, „Пепси“, „Портоколада“, „Блум“ и „ 7 Ап“, покажуваат полугодишните биланси на компанијата.
Податоците за профитот за половина година навистина ќе ги израдуваат акционерите. Нето добивката изнесува 113,9 милиони денари и е 2,5 пати повисока од профитот во истиот период лани. Податоците покажуваат дека пиварницата, веројатно заради солидната оптимизација на залихите, успеала солидно да ги зголеми приходите од продажба, а тоа да го реализира со оперативни расходи кои не само што не растеле туку биле и за 4 отсто, односно 24 милиони денари пониски од лани! Оперативната добивка од 97,6 милиони денари заедно со солидната позитивна разлика меѓу финансиските приходи и финасиските расходи овозможила нето добивката да стигне до износ од 1,84 милиони денари.
Прилепската пиварница е солидна македонска компанија, а ова не е ПР текст. Билансите покажуваат дека од првите шест месеци лани до сега во набавка на постројки, опрема, недвижности и нематеријални средства се вложени над 94 милиони денари односно 42 отсто повеќе од истиот период лани покажуваат податоците од паричниот тек. Компанијата нема кредити ниту краткорочни ниту долгорочни, а вкупните обврски и изнесуваат 296,3 милиони денари. На другата страна компанијата на крајот на јуни имала пари и парични еквиваленти во износ од 159,34 милиони денари и тие се за 34 отсто повисоки од истиот период лани. Од финансиски приходи компанијата во првата половина од годинава добила приход од 17,3 милиони денари, а од тоа приход од камати е 15,9 милиони денари односно над 258.000 евра.
Во акционерската структура убедливо доминира, според официјалните податоци на ЦДХВ, Кирил Самарџиоски со 68,45 отсто од акциите. Тој ја врши функцијата претседател на Управниот одбор на компанијата. По него најголеми акционери се неговиот син Сашко Самарџиоски кој поседува 5,09 отсто од акциите, а воедно е генерален директор на таа компанија, а ист процент поседува и неговата сестра Панде Самарџиоска. Покрупен акционер е Хрватска поштенска банка со 6,46 отсто од акциите.
Р.Ф.
Слично
