Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонското небо ќе се отвора за Чиле, Тајланд, Азербејџан, Индонезија..?!

Македонското небо ќе се отвора за Чиле, Тајланд, Азербејџан, Индонезија..?!
Оптимистички се последните најави на Агенцијата за цивилно воздухопловство дека македонските граѓани наскоро ќе можат да летаат до Јужна Америка, Азија и до неколку Европски метрополи. Во меѓувреме, Македонците имаат директни летови до Италија, Соединетите Арапски Емирати, Турција, Велика Британија, Швајцарија, Германија... Отворање на нови, егзотични авио-дестинации најавуваат од Агенцијата за цивилно воздухопловство.  Ако наскоро Агенцијата ги склучи најавените билатерални спогодби, македонските граѓани, но и македонската дијаспора ќе може да лета од Скопје до Чиле, Тајланд, Бразил, Азербеjџан, Индонезија, Индија, Канада и обратно. “Со воздухопловните власти на споменатите држави се оди на потпишување спогодби на либерален концепт, кој опфаќа слобода на сообраќање на која било авиокомпанија меѓу нашата и другата држава. Притоа, нема регулирање на цените и ограничувања на летачките капацитети, односно сето тоа да зависи од пазарот“, вели директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Дејан Мојсовски. Бразил- со авион на Светско фудбалско првенство, Олимпијада, карневал, Копакабана... Мојсовски уште од почетокот на годинава најавува дека отворањето на авионска врска меѓу Македонија и Бразил е еден од приоритретите за годинава. “Бразил допрва ќе стане атрактивна туристичка дестинација за македонците. Ако се земе предвид и дека Бразил во 2014 година ќе биде домаќин на Светското фудбалско првенство, а во 2016 година таму ќе се одржуваат Олимписките игри, за нас ќе биде голем предизвик да воспоставима авионска линија до Бразил. Се уште не можам да прецизирам дали тоа ќе биде директна линија или можеби ќе ја искористиме конекцијата од Скопје до Дубаи“, вели за Фактор, Мојсовски. Тој додава дека годинава се фокусиираат повеќе на нискобуџетните авиокомпании. Мотивот е од повеќе аспекти - развој на туризмот, поврзување на дијаспората со Македонија, промоција на земјава како бизнис дестинација, но и поддршка за концесионерот ТАВ во намерата скопскиот аеродром да го направи регионален центар на Балканот. Од декември ќе се лета и до Берлин?! Германската престолнина ќе биде достапна и за македонските граѓани кои сакаат да патуваат со авион. Од 20 декември годинава, со директен лет, Флај Германија во понеделник и петок ќе лета од Скопје до Берлин. Од Министерството за транспорт и врски пред неколку дена најавија дека има можност за воведување и на дополнителни дестинации  како Хамбург, Штудгард и Франкфурт. Компанијата „Флај Германија“, постои 26 години и располага со флота од 18 авиони. “Во Министерството за транспорт и врски сме цврсто убедени дека со воведувањето на новите авио линии, бројот на патници ќе биде дополнително зголемен, како и фреквенцијата на летови над македонскиот воздушен простор“, велат од Министерството. Последните информации од ТАВ се дека на скопскиот и охридскиот аеродром бројот на патници во јуни годинава порасна за 22%, во споредба со истиот месец лани. Во јуни годинава на аеродромите во Скопје и Охрид имало 107.178 патници, во споредба со 88.092 патници од јуни лани. Бројот на патници на двата аеродрома во првите шест месеци од годинава порасна за 17%, во споредба со истиот период минатата година. К.П
Слично

Поврзани вести