Македонското му возврати на грчкото МНР: „Ние не го кршиме меѓународното право, туку вие!“
Македонското Министерство за надворешни работи денеска преку соопштение реагира на изјавата на грчкото МНР во врска со македонско-грчкиот спор околу името и грчките „црвени линии“.
Притоа, македонската дипломатија категорички негира дека декларираната грчка позиција во разговорите за име за севкупна употреба (erga omnes) е заснована на постоечко и применливо меѓународно право, а дека користењето на уставното име на Република Македонија во наведените контексти во соопштенијата значи кршење на меѓународното право.
МНР упатува на резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на ОН која констатира разлика во однос на името на државата што треба да се надмине во интерес на одржување на мирни и добрососедски односи во регионот, како и предвидува на кој начин, во рамките на Обединетите нации, времено ќе и се обраќаат на Република Македонија. Министерството дополнително упатува и на правната интерпретација на резолуцијата содржана во пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011. Следствено, наведенета пракса на користење на уставното име на Република Македонија, вклучително при воспоставување на дипломатски односи и обраќањето кон Република Македонија од страна на државите, на ниеден начин не претставува повреда на меѓународното право.
„Министерството за надворешни работи потсетува дека Меѓународниот суд на правдата во горенаведената пресуда недвосмислено се произнесе дека Грција е таа која не го почитува меѓународното право кршејќи ја својата обврска од член 11, став 1 од Времената спогодба од 1995 година да не го попречува приемот на Република Македонија во меѓународните организации и институции. Република Македонија во духот на доборососедство ќе продолжи да учествува, активно и со добра верба, во разговорите со Грција во рамките на процесот под покровителство на Обединетите нации, со цел што поскоро изнаоѓање на решение за разликата кое би било во согласност со принципите и нормите на меѓународното право. Од друга страна, јавното декларирање на непопустливи, црвени политички линии и преговарачки позиции по правило не претставува одраз на постоење добра волја и подготвеност за демократски дијалог и спротивставување на аргументи со цел изнаоѓање решение, и само укажува колку ова прашање останува детерминирано од одредени внатрешно политички и демократски недостатоци во Грција“, стои во реакцијата од МНР.
Грчкото МНР не е задоволно ниту со ФИРОМ?
Пред два дена грчкото Министерство за надворешни работи во Атина објави „појаснување“ на своите позиции во однос на спорот околу името. Во него, освен што се повторуваат грчките црвени линии, се нагласува дека и употребата на референцата ФИРОМ претставува кршење на меѓународното право, затоа што Македонија паралалено го користи и уставното име за внатрешна и билатерална употреба со некои земји.
Слично
