Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонското МНР загрижено од ситуацијата во Украина

Македонското МНР загрижено од ситуацијата во Украина
Министерството за надворешни работи се огласи со соопштение во кое истакнува дека ескалацијата на насилствата во последните неколку недели во Украина претставува извор на голема загриженост. Ова е прва официјална реакција на македонските власти за состојбата во Украина која од ден во ден се влошува. „Република Македонија повикува на преземање на сите неопходни мерки за итно смирување на тензиите, како и на потребата од воспоставување политички дијалог за сите проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Украина, а за чие решавање е неопходно инволвирање на сите засегнати страни. Република Македонија повикува на воздржаност и одговорност во овие кризни моменти за Украина“, стои во соопштението, во кое не се споменува руската интервенција на Крим. Викендов, македонскиот амбасадор во Украина Ацо Спасеновски во изјава за 24 Вести уверуваше дека „во Киев се мирно и вообичаено, а одредена напнатост има на Кримскиот Полуостров“. Загриженост за тензиите во Украина изразија речиси сите балкански земји, кои аплеираат кризата да се реши со дијалог. „Оружениот судир би бил лош за сите, а најмногу за Украинците“, изјави словенечката премиерка Аленка Братушек. Официјална Љубљана се понуди да биде посредник во спорот меѓу Русите и Украинците. Претседателот на Република Српска Милорад Додик во судирот меѓу Киев и Москва ја поддржа страната на Русите, оценувајќи дека настаните на Крим ги гледа како придонес на Русија да им се овозможат услови за нормален живот како на Украинците, така и на Русите и на сите останати кои живеат на полуостровот. „Од таа причина ги разбираме и ги поддржуваме активностите на Русија во тој регион, но се надеваме дека ситуацијата во Украина набрзо ќе се нормализира во интерес на сите“, рече Додик. Во Црна Гора - спротивни реакции. „Секое загрозување на суверенитетот на држава-членка на ОБСЕ значи кршење на Завршниот акт од Хелсинки, кој пропишува почитување на неповредливоста на границите и територијалниот интегритет на членките, како и немешање во внатрешните работи и посветеност на мирно решавање на споровите. Непочитувањето на овие обврски е неоправдано“, изјави претседателот на црногорскиот Парламент Ранко Кривокапиќ. Хрватското Министерство за надворешни работи, пак, објави дека е во постојан контакт со хрватските работници кои работат во Украина, како и со околу 40-тина хрватски државјани кои постојано живеат таму. Досега никој од нив не се обратил за помош, но ситуацијата деноноќно се следи и се прават планови за евентуална евакуација доколку е потребно. Од македонското МНР за сега нема информации колку Македонци во моментов се наоѓаат во кризната Украина, особено на Крим, каде што ситуацијата е најдраматична. Билјана Арсовска
Слично

Поврзани вести