Македонските работници се помалку платени од лани
Просечната бруто плата по работник во Македонија во март изнесува 30.756 денари и е за 1,4% пониска во споредба со март лани, покажаа податоците на Државниот завод за статистика.
Најголем пад на бруто платата има во дејноста Информации и комуникации (за цели 26.2%), а потоа следуваат дејностите - Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (пад од 3.4%) и Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (намалување од 2.3%).
Зголемување е регистрирано во дејностите - Земјоделство, шумарство и рибарство (4.6%), Рударство и вадење на камен (4.1%) и Други услужни дејности (3.8%).
По сектори - се бележи раст во платите кај вработените во индустријата (за 2,8%), додека паѓаат платите на вработените во услужните дејности (за 0,5%).
Најниска плата има во дејноста Производство на кожа и слични производи од кожа - бруто платата таму изнесува 15.289 денари, но бележи раст од 7.3% во споредба со март лани.
Нешто на 21.000 денари бруто плата има во групите дејности - Административни и помошни услужни дејности и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна.
Највисока просечна плата има во групите дејности Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (бруто плата 53.049 денари) и Финансиски дејност и дејности на осигурување (просечна бруто плата 55.381 денари).
Просечната нето плата по вработен во март изнесува 21.007 денари, а во однос на март лани бележи пад за 1,3%. И кај нето платата најголем пад е регистриран кај дејноста Информации и комуникации (за 28,6%).
Вкупно 1,4% од вработените во Македонија работеле во март, ама не зеле плата.
