Македонските превозници ќе се повлечат од блокадите на граничните премини
Македонските превозници вечерва ќе се повлечат од блокадите на граничните премини.
Tие во 20 часот ќе се повлечат од блокадите на товарниот дел од граничните премини, одлучи попладнево на состанок Aсоцијацијата Макам-транс“, откако Европската комисија донесе одлука за носење нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи, за престојот 90 во 180 дена во шенген-зоната.
По речиси четиридневен застој ќе се нормализира товарниот сообраќај на премините „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“, „Блато“ и „Стење“ за влез и излез од државата.
„Макам-транс“ во објава на Фејсбук наведе дека се повлекуваат од блокадите, бидејќи со одлуката на ЕУ е добиена потврдата која ја очекувале за промени и се заблагодари на сите кои, како што велат, неуморно во изминатите денови ја дадоа својата поддршка и солидарност со блокадата на граничните премини.
Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави дека Брисел ќе донесе нова стратегија за визи, која ќе значи решавање на проблемот на превозниците.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е она што го баравме. По протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисел ќе донесе нова стратегија за визи, која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи“, напиша Николоски на Фејсбук.
Извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, при презентацијата на стратегијата за визи на ЕУ и на европската стратегија за управување со азил и миграција, усвоени на денешната седница на Колеџот на комесарите, рече дека со стратегијата предлагаат да разгледаат поголема флексибилност за превозниците, како што рече, секако без да се загрози безбедноста, а во исто време и да не се променат правилата, дури кога станува збор и за безвизно патување.
Таа потенцира дека кога станува збор за прекугранични работници, кои секојдневно ја минуваат границата на ист премин, има исклучоци и флексибилност, но тоа не важи за некои други професии, каде што исто така, се идентификувани предизвици, како што се возачите на камиони, спортистите и уметниците.
Таа нагласи дека со новиот систем за влез и излез (ЕЕС) не се воведени никакви нови правила кога станува збор за должината за краток престој во шенген-зоната без визи, и натаму останува можноста за престој до најмногу 90 дена во период од 180 денови.
Транспортерите од државата, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина ја почнаа блокадата на почетокот на неделава со барање да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ поради кој велат дека се соочуваат со економски штети и депортации.