Македонските граѓани сакаат во ЕУ, ама ако не треба да го сменат името
Близу до 80% од граѓаните на Македонија посакуваат членство на земјата во Европската унија, покажа анкетата што ја спроведоа Институтот за демократија „Социетас цивилис“, Охрид-институт за економски стратегии и меѓународни односи и Македонскиот институт за медиуми.
Испитувањето сепак покажало дека има разлики во овој став по етничка линија - дури 75,1% од испитаниците етнички Албанци го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ, дури и со отстапки за името на државата. Наспроти тоа 77.8% од етничките Македонци даваат поддршка на членството во ЕУ само без отстапки за името.
Истражувањето е спроведено на примерок од 1.600 испитаници, а се испитувани ставовите за три поголеми теми - судир на интереси и корупција, оцена за работата на општинските институции и перцепции за ЕУ-интеграцијата во Македонија.
Дури 47% од испитаниците сметаат дека Македонија не е подготвена за членство во ЕУ, но за 55% од етничките Македонци главната причина што Македонија не е дел од ЕУ не е неподготвеноста на земјата туку фактот што соседните држави го попречуваат влезот. За 48,7% од етничките Албанци, пак, главната причина за тоа што Македонија не влегува во ЕУ е неостварувањето на домашните реформи.
Во однос на оценката за работа на локалните институции и корупцијата, 65% од испитаниците сметаат дека процесот на вработување во локалната администрација е отворен и достапен само за луѓе блиски на партијата на власт. Вкупно 32,6% од испитаниците се изјасниле дека присуството на непотизам во локалната администрација е многу често, а 28,3% дека е често, додека 47% од испитаниците сметаат дека тендерите се доделуваат неправедно во општините.
Слично
