Трошиме три пати повеќе енергија отколку ЕУ за да добиеме 1.000 евра БДП
Македонските компании трошат трипати повеќе енергија за да произведат иста количина стоки во споредба со европските. Последните податоци на Евростат, кои се однесуваат за 2015 година покажуваат дека во земјава се трошат 336,3 килограми нафтен еквивалент енергија за да создадат 1.000 евра бруто домашен производ (БДП). Иако оваа количина енергија е помала за 4 отсто во споредба на претходната година, сепак таа покажува дека според индикаторот за енергетска интензивност, Република Македонија се уште спаѓа во групата земји со висок степен на бескорисно потрошена енергија, односно има голем простор за намалување на енергетските трошоци на компаниите.
Енергетската интензивност е мерка што ја покажува ефикасноста на една економија во потрошувачката на енергија за да произведе одредена вредност. Просекот на ниво на 28 земји- членки на Европската унија изнесува 120,4 килограми нафтен еквивалент. Овие податоци покажуваат дека, на пример, една македонска фабрика за чевли троши три пати повеќе енергија за да произведе еден пар обувки отколку некоја фабрика во Германија или друга европска земја.
Сепак, споредено со другите земји во регионот, Македонија се наоѓа некаде во средината на оваа скала. Најдобри резултати на Балканот според овој индикатор покажува Грција, каде што, за да се добие БДП во вредност од 1.000 евра се потребни 132,5 килограми нафтен еквивалент енергија, а потоа следат Словенија со 177,6 еквивалентни килограми, Хрватска со 192,9 и Албанија со 223,6 килограми нафтен еквивалент. Најлошо стои Косово, каде што за истата намена се трошат 490,4 еквивалентни килограми , а зад нас се Србија со 486,1, Бугарија со 448,5 и Црна Гора со 301,1 килограми нафтен еквивалент.
Стратегија за енергетска ефикасност
За да се намали ова бескорисно трошење на енергијата, Република Македонија подготви Стратегијата за енергетска ефикасност до 2020 година, со која се очекува овој показател да се преполови и со тоа да се доближи до просекот на Европската Унија.
Министерството за економија во соработка со Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ) почна кампања преку која ќе се укажува на потенцијалот за штедење енергија во малите и средните претпријатија. Проектот предвидува на 10 одбрани фирми да им се направи енергетска контрола и анализа колку трошат енергија, а потоа да се дадат препораки за заштеда, кои ќе можат да ги користат и други слични компании во земјава.
- Кампањата предвидува развој на енергетски конкурентно и одржливо стопанство. Ќе им помогнеме на деловните субјекти да ја оптимизираат потрошувачката на енергија, да се грижат за животната средина и да ги намалат трошоците за производство при што ќе се создадат услови за нивна поголема конкурентност на пазарот. Од друга страна, придонесуваме кон националните цели за годишна заштеда на енергија преку спроведување на мерки за енергетска ефикасност во индустријата- велат во Министерството за економија.
Модернизација на опремата
Инаку, овој показател зависи од голем број фактори, како што се економската структура на земјата, степенот на опременост на фабриките, климата, животниот стандард, транспортните навики и друго.
- За да се добијат подобри резултати неопходно е да се инвестира. Најтешко за секој е да се откаже од опрема што функционира, но со ваквата опрема трошоците за енергија и тековно одржување се многу поголеми, а и квалитетот на производот е помал. Затоа треба да им се укаже дека е неопходна замена на застарената опрема со современа која нуди поголемо производство и повисок квалитет со помало трошење на енергија, со што се добива заштеда во одржување од 30 до 40 отсто- вели проф. д-р Константин Димитров од МАЦЕФ.
(М.Б.)
