Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонските челници беа повеќе лојални кон Белград, отколку кон својот народ!

Македонските челници беа повеќе лојални кон Белград, отколку кон својот народ!
Во интервју за Фактор историчарката Виолета Ачкоска зборува за многи интересни детали од поновата историја на Македонија, но се враќа и во времето на антиката. Вели дека е ВРЕМЕ Е ДА СИ ЈА САКАМЕ СОПСТВЕНАТА ИСТОРИЈА. Ачкоска смета дека целината на македонската државност треба да се оствари преку трите асноми. Целото интервју со Ачкоска ќе го објавиме утре, а денеска Ви го презентираме делот што се однесува на настаните кои беа особено актуелни деновиве, Југославија, АСНОМ, улогата на Тито и македонските челници во поранешната држава.
На следниот линк е целото интервју: ИНТЕРВЈУ Виолета Ачкоска: Време е да си ја сакаме сопствената историја!
Фактор: Кога историчарите ќе ги оценуваат улогите и релевантноста на личностите и настаните во дисолуцијата со Југославија и осамостојувањето? Што кријат депоата на УДБА, дали информации за старо-новите инсталции на Белград во македонските партиско-политички елити? Ачкоска: Силниот организиран отпор против спроведувањето на лустрацијата во РМ, зборува за тоа дека огромен број од поранешните соработници (или нивни блиски, или актуелни нововрбувани од надвор) се се уште моќни и инсталирани во РМ.  Се додека не ги добиеме документите кои од тука до 1966 година редовно се испраќале во Белград на службата на Ранковиќ, а од таму во некое тајно депо, потоа архивите на КОС итн., тешко ќе може да се доврши овој процес. За жал многу од полициските архиви систематски се уништуваа при крајот на 80-те и првите 90-ти години на 20 век, па сега имаме само дел од досијеата кои, исто така, внатре се фризирани и со бројни  подметнувања на документи од други досијеа. Што се однесува до јавноста, се прави обид за манипулација па лустрацијата и целото откривање на жртвите на комунизмот се поставува како чин на непријателство против учесниците во НОБ и оние кои биле функционери (со заслуги или само рентиери на револуцијата). На ваков начин се навредуваат вистинските македонски борци, оние кои се бореле за слободна Македонија, така што тие се изедначуваат со оние личности кои го кршеле правото и правната држава, вршејќи неоправдани злодела врз своите сограѓани. Треба да се сфати историскиот факт – НОБ е организрана од малубројната КП но нејзин носител и борбена сила беше македонскиот народ кој се бореше за слобода, обединување, држава и социјална правда, а не за комунизам. Во првите 10 повоени години, години на сталинизмот во ФНРЈ и НРМ, беа ставени во немилост и репресирани различни категории население - од иматели на сопственост, до селани и носители на идејата за интегрално решавање на македонското прашање на Балканот, автономисти, сепаратисти, вмроовци, информбировци итн. Секако дека имало и непријателско делување, но најголемиот број не биле непријатели на државата и не постоела основа за нивно кривичнио гоење, а камо ли казни со 10-тици години тежок затвор, па и смрт. Историјата како учителка на животот има задача да пренесе порака, дека демократијата и почитувањето на правото се основа за градење на државата. Фактор: Кои се спорни одлуки, постапки и личностите што ги носеле или креирале, а што се архивирани како строга државна тајна, а чија демистификација би променила некои текови во најновата македонска историја? Ачкоска: Најголемиот дел од  документите секој ден се обелоденуваат, барем оние кои не се уништени. Ние се уште ги немаме сите документи од Белград, не само од УДБА и КОС, туку и на пр. Фондот на Државната контролна комисија кој до 1992 година не го даваа за користење во Белград, а во Државниот архив на РМ е крајно исчистен. Многу записници и стенограми на ЦК од првите повоени години ги нема. Документите за Голи Оток во 1963 година од Загреб се предадени по републиките. Тој фонд го нема во РМ итн.  Инаку,  овие 20-тина години,  откако го отворивме процесот  на демистификација, могу личности кои беа осудени како непријатели на државата  го добија вистинското толкување и место во историјата. Шарло, Ченто, Брашнаров, Шатев, Пирузе и многу други македонски дејци (комунисти и вонпартиски) беа жртви на политиката и амбициите Тито и Колишевски и на нивните следбеници, бидејќи во првите повоени години од македонската политичка сцена се одстрануваа личностите познати и блиски до народот, а низ репресијата и агит-пропот се градеа нови комунистички култови. Инаку сега се интересни новите документи за Јосип Броз Тито со кои се демистифицира неговата личност, се откриваа списоците на луѓе за чија смрт тој е директен виновник, а уште повеќе за илјадници убиени под неговата власт. Понатаму ликот на Стане Доланц - „куварот“ во титовата политичка кујна, за Јованка Броз и други титови соработници итн. Ние мора да се соочиме со фактот дека Тито и Југословенската војска  со помош на меѓународниот фактор ја одржуваа и ја распаднаа СФРЈ. Многу аналитичари се неподелени во тврдењето дека Тито се интересирал само зе своето владеење – а после него потоп. По расчистувањето со либералите се опкружи со голем број неспособни и прегазени од времето  политичари и не остави наследник. Умре Тито, заврши студената војна, умре Југославија меѓу Истокот и Западот. Во РМ, исто така, треба да се истражуваат и демистифицираат бројни личности кои ја злоупотребиле власта, или заради кариера, функции и пари, биле вклучени во системот на доушништво. Интересна и се уште недоволно допрена е улогата на Колишевски, Цветко Узуновски. Љупчо Арсов, Страхил Гигов и ред други челници, кои биле повеќе лојални кон Белград отколку кон својот народ. Целото интервју на Горазд Чомовски со професорката Ачкоска ќе го објавиме во недела, 21 септември
Слично

Поврзани вести