Mакедонските азиланти не се откажуваат од Германија
Речиси шест пати повеќе баратели на азил од Македонија пристигнале во Германија минатата година, во споредба со 2011, покажаа податоците на Сојузната служба за миграција и бегалци од Нирнберг.
Како што јавува Дојче веле, во 2011. година имало вкупно 1.753 барања за азил од Македонија, во 2012 бројот се зголемил на 6.889, а минатата година достигнал 9.418.
Трендот годинава е уште поалармантен - само во јануари, азил во Германија побарале дури 1.024 македонски државјани. Како што посочува Кристоф Сандер од канцеларијата на претседателот на Сојузната служба за миграција и бегалци, бројката на прифатени барања за азил е минимална и во изминативе години се движела околу 0,3 проценти.
Причината за одбивањето на барањата за азил како неосновани е што Македонија спаѓа во групата на трети безбедни држави. Сепак, ова не е доволна причина за да ги одврати азилантите од идејата да бараат подобар живот во Германија.
„Од разговорите со барателите може да се констатира дека дел од нив пристигнуваат во своја индивидуална режија, а дел организирано“, појаснува Сандер.
Согласо германските закони, секоја од германските федерални држави е обврзана со квота да згрижи одреден број баратели на азил. Тоа се определува според посебен клуч т.н. „кенигштајнер“. Според овој „клуч“ годинава најмногу баратели на азил треба да згрижи Северна Рајна Вествалија по што следуваат Баварија, Баден Виртемберг, Долна Саксонија, Хесен. Доколку местата се пополнети, барателите се распределуваат онаму каде има слободни капацитети.
Слично
