Економија, финансии, бизнис

Контакт

МАКЕДОНСКИОТ НАСПРОТИ ЕВРОПСКИОТ МИНИМАЛЕЦ: Во некои земји се заработува скоро девет пати повеќе

МАКЕДОНСКИОТ НАСПРОТИ ЕВРОПСКИОТ МИНИМАЛЕЦ: Во некои земји се заработува скоро девет пати повеќе

Иако има покачување на минималната плата во Македонија, сепак таа е ниска ако се спореди во однос на државите од регионот и пошироко.

Македонецот зема скоро девет пати помал минималец од работниците на Луксембург, и 6.5 пати помал минималец од Германецот.

Македонските работници според  висината на минималната плата,  се најблиску со бугарските работници кои се на дното во Европа.

Македонија има минималец од 241,6 евра, а во јануари 2020 година, Бугарија имаше најниска минимална плата во ЕУ oд 312  евра.

„Кога се прави паралела, треба да се видат сите параметри, трошоци за живот, но дури и така ако се спореди, објективно имаме мали плати. Минималецот има многу мала куповна моќ. Со него не може да се обезбеди достоинствен живот. Платата не го следи растот на капиталот. Имаме неколкукратно зголемување на капиталот, а платите не се зголемени ниту за 30 отсто. Последниве години има движење кај минималната плата, но тоа не е доволно. Но, работите ќе се менуваат затоа што има одлив во странство, и ако сакаат да работат, газдите ќе мора да платат повеќе“, вели Пеце Ристески, поранешен претседател на СИЕР.

Девет држави членки, претежно лоцирани на истокот на ЕУ имаат ниски минимални плати. Во Латвија минималецот е 430  евра, во Романија 466, во Унгарија 487, во Хрватска 546  евра, во Чешка 575  евра, во Словачка 580  евра, во Естонија 584  евра, во Литванија 607  евра  и во Полска 611  евра, покажува Евростат.

Португалија има минималец од 741 евра, Грција од 758  евра,  Малта 777  евра, Словенија  од 941 евра  и Шпанија 1.050 евра.

Французите имаат минималец од 1.539  евра,  Германците земаат минималец од 1.584  евра, Белгијците земаат минимална плата од 1.594 евра.  Холандските работници имаат минималец од 1.636 евра, Ирците 1.656  и Луксембург  од 2.142  евра.

Она што Евростат го забележува е дека во унијата има голем јаз помеѓу сиромашниот исток и богатиот запад.

Минималната плата во земјава од декември лани се покачи на 14.500 денари.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести