Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонскиот јазик – култура, идентитет, одговорност!

Македонскиот јазик – култура, идентитет, одговорност!
Македонија денеска го одбележува Денот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј, творците на првата словенска азбука-глаголицата и основачите на македонската литература. Солунските браќа Св. Кирил и Методиј се клучни личности во македонската историја, но заслужни и за културниот развој на сите словенски народи. Македонија како лулка на словенската писменост, култура и традиција  има на некој начин и одговорност да посветува посебно внимание во негувањето на писменоста воопшто. Ако го потенцираме и фактот дека сме чекале многу долго, ако не и предолго, да го кодифицираме македонскиот јазик, кој е еден од столбовите на македонскиот идентитет и интегритет, несомнено произлегува и значењето на нашиот однос кон него. Но, каква е актуелната ситуација со македонскиот јазик? Според професорката  Симона Груевска - Маџоска од Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков”,  имаме двојни аршини кон македонскиот јазик. Од една страна, таа вели дека  секојдневно слушаме колку македонскиот јазик е значаен и нема да дозволиме никој да чепка во него, а од друга страна имаме една голема запоставеност на главната институција задолжена за негово негување и проучување, а тоа е Институтот за македонски јазик. Таа за Фактор  потенцира дека иако работиме на капитални проекти, тие се финансираат многу нередовно, речиси воопшто нема подмладок, уште Институтот има  проблеми со информатичката опрема, нема доволно  средства за меѓународни конференции каде би се  промовирал македонскиот јазик. Според неа, македонскиот јазик заслужува многу подобар однос од надлежните институции.
“Би обрнала внимание и на почитувањето на законите. Во 1998 година е донесен Законот за употреба на македонскиот јазик во кој јасно е наведено дека секој печатен и објавен текст треба задолжително да биде лекториран, но сведоци сме дека во практиката тоа не е така. Би апелирала до надлежните да ја засилат инспекциската служба зашто само така можеме да ја надминеме сегашната лоша ситуација. Тука е и прашањето за употребата на јазиците на заедниците. И ова прашање во голема мера (иако не целосно) е законски регулирано, но секојдневно се соочуваме со непочитување на законите. Да го споменеме случајот со небулозното име на основното училиште „Конгреси и манастирит“ наместо „Битолски конгрес“. До каде ли сè може да се стигне со ваквата практика?”, вели професорката Груевска-Маџоска.
Секако, додава таа, дека тоа не во ничиј интерес, а најмалку во интерес на соживотот во земјава. Македонскиот јазик во општините каде македонските Албанци се мнозинско население речиси и да го нема, што е спротивно на Уставот на Република Македонија. За тоа, вели, мора да се поведе сметка зашто последиците се далекусежни. Овде, додава, мора да се истакне и прашањето за топонимите кои редовно се менуваат и се ставаат албанските варијанти. Топонимите и според законот  се културни споменици и како такви не смеат да се преведуваат, за како што потенцира Груевска-Маџовска, да не дојдеме во ситуација како во Егејска Македонија каде со закон се менувани во грчки со што на еден начин се прави бришење на историјата, односно на фактот дека на тие простори живееле и живеат Македонци. Големи културно-образовни проекти, а малку пари! Во Институтот за македонски јазик е во тек проширување и дополнување на Правописот на македонскиот јазик. Овој проект започнал пред една година со голем  тим на научни работници од Институтот и од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Од таму велат дека како за почеток, мала финансиска поддршка добиле од Министерството за култура, но сè уште не и од Министерството за образование и наука.
“Сè додека не се сфати значењето на македонскиот јазик за Македонците, нема да можеме да тргнеме нанапред. Надлежните институции треба грижата за македонскиот јазик да ја стават во приоритетите, зашто само така ќе успееме да опстоиме. Многу работи досега беа запоставени. Разбирам дека има и други приоритети, но навистина треба да се стави фокусот на македонскиот јазик– тоа е од исклучително значење за иднината. Покрај надлежните институции, тука се и медиумите кои со својата грижа или негрижа исто така придонесуваат за лошата ситуација, како и образованието и сите ние како говорители. Сите сме одговорни за македонскиот јазик. Не би било лошо да имаме  една засилена кампања со која ќе се “принудат” надлежните институции да го променат односот кон македонскиот јазик и кон Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Само така ќе можеме да очекуваме посветла иднина и ќе го оправдаме изразот „Македонија – лулка на словенската писменост“-завршува професорката Маџовска-Груевска.
Б.С.
Слично

Поврзани вести