Економија, финансии, бизнис

Контакт

МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ: Раст на приходите од интернет и IPTV

МАКЕДОНСКИ ТЕЛЕКОМ: Раст на приходите од интернет и IPTV
Македонски Телеком и Т-Мобиле остануваат на водечката позиција и во првите девет месеци на 2014 година. Продолжува трендот на пораст на приходите во интернет и IPTV сегментот, а се намалуваат приходите од говорните услуги. Приходите од продажба на ниво на Групација во првите девет месеци на 2014 година, изнесуваат 8.205 милиони денари што е намалување за 13% во споредба со истиот период во 2013 година. Оперативните расходи, се намалени за 13,9% во споредба со истиот период во 2013 година, додека вкупните капитални инвестиции (CAPEX) изнесуваат 793 милиони денари. Нето добивката пред оданочување е намалена за 14,5 % во споредба со истиот период од минатата година. Но, и покрај негативните трендови Македонски Телеком според интерните проценки зазема 64,6% од пазарот во сегментот на фиксна телефонија и 51,5% во широкопојасен интернет. Наспроти падот на приходите од говорните услуги во фиксниот сегмент за 12%, приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол (IPTV) во првите девет месеци од 2014 година се зголемија за 4,8%  во споредба со истиот период од минатата година. Фокусот на double и triple play пакетите донесе зголемување на DSL корисниците за 4,3% со што корисничката база на DSL е 190 илјади корисници на крајот од првите девет месеци од 2014 година. Македонски Телеком и понатаму има најголем удел на ТВ пазарот од 22, 8% (интерна проценка). Бројот на IPTV корисниците е пораснат за 15,1% во споредба со истиот период од минатата година. Како резултат на квалитетната услуга, интерактивноста и единственото ТВ искуство, корисничката база достигна 96 илјади корисници. Во мобилната телефонија и покрај силното конкурентно опкружување Т-Мобиле Македонија останува лидер на пазарот со 46,9% удел (интерна проценка) и 1,2 милиони корисници. Приходите од говорните мобилни услуги се намалени за 20% како резултат на намалувањето на тарифите. Продолжи трендот на зголемено користење на мобилните услуги, при што во пакетите за иста цена се опфаќаат сé повеќе минути. Тоа резултираше со зголемување на бројот на минути на користење (MOU) делумно придвижено од континуираното намалување на тарифите. Следствено, како резултат на намалувањето на цените и конкурентното опкружување  забележан е пад на просечниот приход по корисник (ARPU) за 18,8%. Приходите од неговорни услуги се намалија за 10,4% во споредба со првите девет месеци од 2013, како резултат на помалиот број на испратени SMS, намалените интерконекциски цени на SMS и приходите од содржини. Падот на овие приходи е делумно компензиран со зголемените приходи од мобилен интернет и зголеменото користење на податочни тарифни модели.
Слично

Поврзани вести