Македонски шуми ќе сади веќе порастени дрвја во Скопје! Кои се другите мерки на Владата?
Македонски шуми да набави посебна машина за садење на веќе порастени дрвја во градските средини, бремените и лицата постари од 60 години да не одат на работа, товарниот сообраќај ќе биде ограничен, граѓаните да се возат со автобуси, а не со автомобили – ова се само дел од мерките и препораките што ги донесе владата по информацијата за енормната задебност на воздухот изминативе денови.
Бремените жени и на лицата постари од 60 години од денеска па се до сабота не треба да одат на работа, и оваа обврска важи и за вработените во државниот и во приватниот сектор. Децата во градинките не смеа да се изнесуваат на отворено. Градежните работници може да работат од 11 до 17 часот, мерка која од една страна ќе има влијание на заштита на работниците а од друга страна ќе ја намали градежната активност што ќе придонесе за помала емисија на честички во воздухот.
Ваквите мерки ги донесе владата откако се увиде дека состојбите со загаденоста на воздухот се алармантни. Но освен овие мерки ќе има и ограничувања на товарниот сообраќај.
„Се препорачува на Град Скопје и општините Тетово, Битола и Кичево да забранат движење на товарни возила во централно градско подрачје од 7:00 до 19:00, освен за возила за снабдување со леб и лекови. И при тоа се задолжува МВР да ги пренасочува товарните моторни возила, чија крајна дестинација не е градот Скопје, преку обиколницата на градот, изјави министерот за животна средина Абдулаќим Адеми.
Мерките ќе важат за скопскиот, тетовскиот, битолскиот и кичевскиот регион кај што се цени дека ќе продолжи траењето на овие климатски влијанија во периодот до сабота, за разлика од другите делови на државата каде што се очекуваат како и во изминатите денови поповолни климатски фактори. Според Управата за хидрометеоролошки работи, се очекува актуелната состојба каде се забележува присуство на поголеми од предвидените концентрации на материи во воздухот да продолжи и во наредните денови, односно да нема интензитет и присуство на ветрови и врнежи.
„Според податоците со кои тие располагаат во Скопје, Тетово, Битола и Кичево неколку денови има надминување на среднодневната гранична вредност. Меѓутоа надминувањето на среднодневната гранична вредност не е во текот на целиот период, туку во одреден период на денот, и тоа од 7:30 часот до 11:00 часот, и од 17:00 часот до 21:00 часот, изјави Адеми.
Понатаму, Адеми со препорака до надлежните од Градот Скопје и општина Тетово, Битола и Кичево секојдневно и интензивно да ги чистат улиците, особено околу градилиштата. Но и да вршат секојдневна контрола во автосервисите и другите помали компании за кои имат сознанија дека користат употребувано масло за грење.
„Се препорачува на компаниите кои добиле А интегрирана еколошка дозвола, а се со седиште во општините во кои се надминуваат вредностите на ПМ10 и ПМ 2,5 честички да работат со редуцирано производство од нивните капацитети во однос на капацитетот со кој работеле во моментот на констатација на состојбата со висока концентрација на честички во воздухот, изјави Адеми.
Но, освен овие мерки, владата го задолжи Јавното претпријатие Македонски Шуми да обезбеди посебна машина за садење на веќе порастени дрвја во градските средини.
Апел до граѓаните да не ги користата возилата туку јавниот превоз
Владата со апел и до граѓаните да не ги користат своите автомобили без поголема потреба и што повеќе да патуваат со средствата за јавен превоз. Но исто така се препочаува повеќе лица да се возат со едно возило во исто време.
„Да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, посочи Адеми.
Се повикуваат раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето задолжително да организираат миење на гумите заради отстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ истиот да биде затворен со церада.
А правните лица кои поседуваат дозволи за дотур на роба издадени од Секторот за сообраќај на Град Скопје се известуваат дека истите се менуваат и имаат важност во периодот после 19:00 во текот на денот, освен оние што снабдуваат со леб и непастеризирано млеко
Активисти делат маски, владејачкото мнозинство не сака итна дебата во Собрание
Вчера граѓани-активисти проетстираа во центарот на Скопје изразувајќи го својот револт бидејќи како што велат никој ништо не превзема за подобрување на квалитетот на воздухот. Тие на плоштадот во метрополата делеа и бесплатни маски. Активистите посочија дека се револтирани од големото загадување на воздухот кое веќе седми ден е над дозволената граница, и дека сакаат да ја подигнат свеста кај луѓето за последиците од дишењето на отровите кои се присутни во воздухот.
Во понеделникот пак, во Собранието пратениците од опозицијата побараа состојбите со загадениот воздух да се стават како итна точка на дневен ред на собраниска седница, на што не се согласија пратениците од владејчкото мнозинство. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа за овој проблем да се зборува откако ќе заврши дебатата за предлог-Буџетот за следната година, која пак според Деловникот треба да заврши во петок. Тоа би значело дека најрано дебата за загадениот во Собранието би можело да има селдната недела, но сепак тоа не беше прецизирано, па остана неизвесно кога таа точка ќе стигне на дневен ред на собраниска седница.
Н.С.
Слично
