Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонски гледачи на СП 2018 повторно најмногу „на среќа“

Македонски гледачи на СП 2018 повторно најмногу „на среќа“

Уште едно Светско првеснтво е на прагот и овојпат граѓаните на Македонија, барем поголемиот број, ќе го следат во живо благодарение на „среќата“. За непосредно следење на натпреварите и директно уживање со мајсториите на фудбалските виртуози од трибините на стадионите во Русија и понатаму ќе биде потребно „извлекување на среќен добитник“. Начините и понатаму се: собран албум со сликички, точење гориво во вредност од 1.000 денари, добивка со највисок коефициент во обложувалница, собирање капачиња од освежителни пијалоци, итн.


Диме Поповски присуствувал на финалето од минатиот Мундијал во Бразил 2014, откако бил награден од еден мобилен оператор по склучен нов договор.

- Беше вистинско уживање да се следи финалето помеѓу Германија и Аргентина, особено што не платив ништо, а целиот трошок за авионски лет, хотелски престој и билет би ме чинел околу 10.000 евра. Можам да кажам дека имав и добра позиција за следење од трибините. Не би се откажал на истиот начин да следам меч од фудбалскиот планетарен собир во Русија, но шансите за „бесплатно“ овој пат се речиси невозможни, вели 35-годишниот Поповски.


                                Диме Поповски пред финалето во Рио

Инаку, кога станува збор за организирано патување, од туристичките агенции објаснуваат дека ризикот во однос на интересот е премногу голем. Дарко Радески од „Метрополитан“ вели дека воопшто не се ни нафатил на таков подвиг.

- Тоа е скап проект и за да се закупат апартманите потребни се многу пари за кои постои голема можност дека можеби нема ниту да „се вратат“. Од моите контакти што ги имам со другите туристички агенции, само на прсти се бројат тие што ќе се обидат нешто да понудат, а за бројката на заинтересирани клиенти немам податоци - изјави Радески.

Градови-домаќини на чии стадиони ќе се одржи СП 2018 се Москва, Санкт Петерсбург, Сочи, Екатеринбург, Сарањск, Ростов, Казањ, Калининград, Самара, Волгоград и Нижњи Новгород.

A.K.


Слично

Поврзани вести