Македонската владина делегација „лови“ странски инвеститори во Берлин
Ниски даноци, индустриски зони, бројни ослободувања од давачи за странски инвеститори се дел работите со кои македонската делегација ги убедуваше германските инвеститори да ја посетат и да вложат во Македонија. На чело на делегацијата беше премиерот Никола Груевски кој на конференцијата во организација на Здружението на источна и средна Европа кое обединува германски компании од 29 држави, истакна дека Германија е најзначајниот трговски партнер на Македонија каде оди 20% од извозот.
„Она што е значајно е фактот што освен што имаме силна економска и трговска соработка во последните неколку години Германија станува значаен инвеститор во Македонија изразен низ повеќе крупни инвестиции на германски компании како што се Кромберг и Шуберт и Дрекслермајер кои од неодамна работат во Македонија и остваруваат извоз“, истакна Груевски за кого веќе е потврдена предноста за инвеститорите во Македонија.
Ако дојдете во Македонија, порача тој, ќе слушнете дека е една од ретките земји каде што која било компанија кога сака телефонски да добие некој министер не чека повеќе од ден или два. Истото важи и за средби или телефонските разговори со премиерот, кога има некој проблем, додаде Груевски.
Тој се пофали и дека поради поволностите за инвеститорите во индустриски зони, повеќе фирми отворија и втори капацитети како Џонсон Мети, Ван Хол, Џонсон Контролс, Технокозе и Продис.
Заедно со Груевски, во Берлин заминаа вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо. Тие разговараа со претставници на повеќе реномирани германски компании.
За директорот на Дојче Банк за Централна и Источна Европа Петар Тилс, Македонија користи иновативни инструменти за да се приближи до капиталните пазари.
„Гледам дека има голем број инвеститори кои се заинтересирани да ја посетат вашата земја и мислам дека ова е најзначајно прашање, земјата лобира за директни странски вложувања која е апсолутно исправна работа“, рече Тилс кој сепак укажа дека треба се намали невработеноста, што ќе помогне во привлекување странски инвестиции.
Груевски се сретна и со Урлиб Грило, претседател на Сојузот на германската индустрија каде се наоѓаат најголемите германски компании. На средбата се зборувало за реформите во образованиот и научниот процес, а биле претставени можностите и реформите во областа на администрацијата, кратењето на процедурите за водење бизнис.
Воедно беше поканет да ја посети Македонија заедно со бизнис делегација од Германија пред која непосредно ќе бидат разгледани можностите за инвестирање.
Слично
