Економија, финансии, бизнис

Контакт

Македонската компанија „Сити плаза“ ќе инвестира над 105 милиони евра во развојот на „Рамсторе Македонија“

Македонската компанија „Сити плаза“ ќе инвестира над 105 милиони евра во развојот на „Рамсторе Македонија“

Македонската компанија „Сити плаза“, новиот сопственик на „Рамсторе Македонија“ во чиј состав влегуваат шопинг центарот „Рамсторе мол“, како и синџирот маркети „Рамсторе“,  во следните пет години ќе инвестира повеќе од 105 милиони евра во проширувањето и развојот на оваа компанија. Менаџерскиот тим на „Сити плаза“ денеска пред бројни претставници на државниот врв, претставници на дипломатскиот кор, бизнисмени и медиуми, ја претстави инвестициска програма за „Рамсторе Македонија“ за периодот од 2021 до 2025, при што и свечено ја презеде компанијата под свое раководство.

На свечениот настан за преземање на „Рамсторе Македонија“, компанијата „Сити плаза“ го презентираше и новото стратешко партнерство со холдингот „Мигрос“ од Република Турција. Оваа соработка подразбира заеднички вложувања во делот на обезбедување и франшиза на трговската марка „М“ за балканскиот регион, што ќе овозможи пристап и до други странски пазари, на кои покрај „Рамсторе“ ќе се вклучат и други македонски и турски производители.

Свечениот настан го отвори премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев. Пред присутните гости се обратија и г. Озгур Торт, главен извршен директор на групацијата „Мигрос“ и претседател на Форум на потрошувачи CGF; г. Хасан Мехмет Секизќок, амбасадор на Р. Турција во Р.С. Македонија; г. Осман Арслан, претседател на Халк Банка во Р. Турција и г. Ајдован Адемоски, почесен конзул на Р. Турција во Р.С. Македонија и сопственик на „Сити плаза“.

„Ми претставува посебна чест што денеска сум поканет да присуствувам на овој исклучителен настан на кој нашиот бизнисмен Ајдован Адемовски најавува значајни инвестициски проекти вредни повеќе од 105 милиони евра. Се сеќавам на една негова изјава од пред неколку месеци на еден настан на Стопанската комора МАТО кога рече: „Време е на храбри одлуки и паметни чекори“ и еве денеска гледаме на што мислел кога го кажа тоа. Ваков став и вакви проекти во време на сериозна економска криза заради пандемијата доаѓаат од навистина храбри менаџери со визија и одлучност ништо да не ги спречи во остварувањето на таа визија. Заради тоа, јас му честитам нему и на менаџерскиот тим на неговата компанија „Сити Плаза“. Адемовски и првите луѓе на неговата компанија и во овие услови направија анализи кои потврдија дека планираните инвестициски проекти имаат пазарна, оперативна и финансиска изводливост“, изјави на свеченоста премиерот Зоран Заев.

Со планираните вложувања, во следните пет години „Сити плаза“ ќе го зголеми капацитетот на трговскиот центар „Рамсторе мол“ во Скопје и ќе изгради подземна гаража за овој објект, ќе ја прошири продажната мрежа на „Рамсторе“ маркетите за 18 нови супермаркети, како и ќе изгради три „Рамсторе Retail парк“ на локации низ земјава каде што „Рамсторе“ во моментов не е присутен. Дополнително, инвестицискиот план предвидува изградба и модернизација на логистички центар „Рамсторе“ на површина од над 25.000м2, изградба на нов административно-деловен простор, инвестиции во погон за преработка и пакување на прехранбени производи, како и изградба на фотонапонска централа од 5MW во Кочанско. Со преземањето на „Рамсторе Македонија“, компанијата „Сити плаза“ ќе ги задржи сите вработени, а со новите инвестиции ќе се отворат и дополнитени 700 работни места во сите сектори од работењето на друштвото.

Вкупната вредност на планираните инвестиции ќе изнесува 105,2 милиони евра.

„Во ера на пандемија која го зафати целиот свет, во време на здравствена и економска криза, ние одлучивме да инвестираме над 100 милиони евра во нашата иднина и во иднината на нашата држава.Не можеме да се бориме против оваа пандемија со тоа што ќе се затвориме целосно во изолација и ќе чекаме подобри времиња. Напротив, подобрите времиња треба самите да ги создадеме. Не можеме да дозволиме судбината да ни ја крои иднината. Иднината самите ќе ја градиме така што ќе бидеме храбри и ќе го развиваме бизнисот во нашата држава“, истакна сопственикот на „Сити плаза“, Ајдован Адемоски.  

Сопствениците и тимот на „Сити плаза“ имаат долгогодишно искуство во реализација на големи инвестициски проекти, меѓу кои се инвестициите во луксузните хотели „Стоун бриџ“ и DoubleTree by Hilton во Скопје, изградба и стопанисување на трговскиот центар „Капитол мол“ и др. Вкупната вредност на овие инвестициски проекти, кои се веќе завршени, надминува 100 милиони евра.

„Сити плаза“ ја почна соработката со холдингот „Мигрос“ од Турција во 2004 година, кој оттогаш беше партнер кој учествуваше во деловните одлуки на македонската компанија. Но, од неодамна „Сити плаза“ донесе деловна одлука со која како целосен сопственик ја презеде сопственоста на „Рамсторе Македонија“ и планира да го вложи своето искуство и знаење во понатамошен развој на овој бренд и прилагодување на новите стандарди во трговијата.

Слично

Поврзани вести